Пред 13 месеци Ковачевски убедуваше дека ова е тимот за победи, дека ова е Влада која ќе не однесе во Европска иднина и дека ова е Владата која треба да ги напправи реформите кои следуваат. Повторно после 13 месеци имаме експозе за нова Влада од страна на истиот премиер во која што во едно помало и поразлично експозе од претходното кое беше исполнето со еуфорија и оптимизам од страна на премиерот Ковачевски, изјави пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски на денешната собраниска седница.
Тој додаде дека оваа реконструција е мотивирана од тесно партиски интереси, имиња и презимиња и од лични политички мотиви.
„Зошто го велам ова? Затоа што деновиве пред составување на Влада видовме кој беше притисокот прво во владините коалициони партнери, второ кој беше притисокот на Владата и трето како се лицитираше и како се поврзуваа имињата на предложените кандидати за министри, заменици министри и слично”, рече Мицевски.
Мицевски посочи дека прогресијата на мнозинството како што милуваат да велат пратениците од власта ја видовме вчера. Видовме непотребни паузи за купување на време затоа што нејќеа веднаш да гласаат, пребројување внатре во демек цврстото и бројано мнозинство европско ново мнозинство
„Вчера колеги пратеници покажавте континуитет, но континуитет во негативна смисла на зборот затоа што како вчера така и пред 13 месеци се случи нешто идентично и континуирано. Тогаш како и вчера во последен момент имавме јавувања и пораки до јавноста за поддршка на јавноста дадени на бели ѕидови и сега имаме 3 недели убедувања, преговори и одложувања за гласања. Слични начини и методи со ист епилог на крајот. Ова е обезбедување на мнозинство и поддршка за Владата на Ковачевски вештачки, насила и на мускули”, истакна Мицевски.
Тој е дециден дека ништо ново нема да се случи и после оваа т.н реконструкција на министри, но и со замениците министри со кои денес продолжуваме.
„Едноставно како што би рекле Ахмети и Ковачевски Владата ќе си тера како и до сега. После 3 недели, после толку изгубено време, пумпање и скапо платено зголемено мнозинство пак на првото гласање избројавме 64 пратеници па потоа мораше системот да биде крив за да се потврдиме и има 65 пратеници. Гледано ни е ваков начин на гласање и начин на нефункционирање на системот и ова не е ништо ново од оваа Влада”, кажа Мицевски.
Мицевски посочи дека ниту слушнавме некоја нова идеја, визија, реформа и напредок ниту поцврста и постабилна Влада туку само политички и меѓупартиски „Пазар 3″ за задоволување на новите и гладни апетити на новиот коалиционен партнер во Владата.