Христовски: Поради неспособноста на МВР и институциите да се справат со дојавите за бомби, 4 месеци се дозволува некој да си игра со судбините на нашите деца

Почитувани медиуми, почитувана јавност

Денешната изјава ќе ја започнам со еден цитат: „Никој не смее да дозволи да си игра со судбините на децата. Ова е сензитивна тема и без разлика кој го нарачува сето ова, треба да има на ум дека не може да си игра со системот и со граѓаните на Република Македонија.” Ова го изјави министерот за внатрешни работи,  Оливер Спасовски на 27.10.2022 година кога за прв пат во 8 училишта во Скопје беа пристигнати лажни закани за поставени бомби. Од тогаш до денес, во скоро 40 наврати, на речиси 500 локации, од кои најголем дел училишта, па дури и градинки ширум земјава, веќе 4 месеци сме беспомошни сведоци и жртви на страв, немир, паника и терор. Но, во исто време сме и жртви на лошото владеење со институциите кои не можат да се справат со овој проблем.

Очигледно некој дозволува да си игра со судбините на децата, да си игра со системот и со граѓаните на Република Македонија, што е сосема спротивно на она што го изјави Спасовски пред 4 месеци. Но тоа е апсолвирана тема. Оваа власт, МВР со ова раководство, но и останатите надлежни институции, за жал не се способни да се справат со проблемот кој го вознемирува целото наше општество.

Прекинот на редовната настава, како последица од лажните пријави, покрај психолошкиот, социјалниот и образовниот негативен инпакт врз децата, сериозно влијаат и на животот и работата на нивните семејства. Имено, не секој родител може да го напушти работното место за безбедно да го спроведе детето до својот дом. Од таа причина, многу деца остануваат без соодветна поддршка и помош при честите ситуации со лажни пријави за бомби, што понатаму може да предизвика дополнителни несакани последици.

Поради тоа, јавно го повикуваме Министерството за образование и наука итно и во најкус можен рок да преземе активности за изготвување на официјален план и протокол кој ќе предвидува функционални мерки и процедури за постапување при случаи на лажни пријави за бомби и други безбедносни закани во училиштата и други објекти. Државниот образовен систем не смее да остави ниту едно дете без соодветна поддршка, превоз и безбедна локација, после пријави за бомби кои сериозно влијаат на психофизичкиот развој на децата.

Бараме од надлежните институции да престанат со игнорантниот однос и наместо да бидат соучесници во креирање хаос, неизвесност и недоверба во системот со своето неделување, веднаш да изготват применлив план со кој, секое дете ќе биде соодветно згрижено и заштитено, а родителите изземени од незавидна ситуација во која секојдневно се  наоѓаат.

Јавно апелирам и до сите останати чинители, училишта, локална самоуправа, родителите и сите останати да бидат  вклучени во овој процес.

Доста е молчење. Време е за акција. Децата се наш приоритет и се што е поврзано со нив не трпи импровизации.

Треба да знаете
Последни објави