Годината 2022 ја одбележа геополитичка тензија која ја влоши енергетската криза во Европа, дополнително зголемувајќи ги цените на природниот гас и електричната енергија, што доведе до зголемен инфлациски притисок кој негативно влијаеше врз потрошувачите и индустријата. Постепеното воведување на санкции од страна на ЕУ и нафтеното ембарго ги натераа повеќето европски земји да го намалат или запрат увозот на руски нафтени производи и гас, што предизвика нерамнотежа меѓу побарувачката и понудата. Ваквите движења значително ги покачија цените на суровата нафта и гас. Во овие услови, државата ги врати во функција капацитетите за производство на електрична енергија кои користат мазут.
И покрај конкурентното и предизвикувачко опкружување во кое делува ОКТА во Република Северна Македонија и Косово, компанијата успеа да ја зголеми својата лидерска позиција на локалниот пазар со пазарен удел од речиси 71%, како и во Косово со удел од 36% на крајот од 2022 година, што доведе до зголемување на продажбата од 28% на крајот од годината споредено со 2021 година.
Годишните резултати покажуваат дека ОКТА продолжува да се придржува кон својата утврдена финансиска политика, со акумулирана ЕБИТДА од 910 милиони денари која ги надмина 839 милиони денари остварени во текот на 2021 година и соодветна добивка пред оданочување од 618 милиони денари. ЕБИТДА во четвртиот квартал достигна негативен износ од 125 милиони денари, што е значително помалку од остварените 228 милиони денари за истиот период претходната година, главно поради падот на меѓународните цени на горивата, што доведе до исправка на вредноста на залихите на ОКТА во износ од 94 милиони денари и негативен ефект од нивното вреднување од 319 милиони денари.
Минатогодишните солидни резултати на ОКТА целосно ја потврдија стратегијата што компанијата ја спроведува решително и посветено веќе со години. Компанијата не само што успешно обезбеди раст на обемот на продажба во текот на целата година и зголемување на приходите од продажба и профитабилноста, туку и напредува со своите иницијативи за автоматизација кои ќе ја оптимизираат организацијата, намалувајќи ги трошоците и создавајќи цврста основа за идни резултати.
Клучни резултати во четвртиот квартал и 2022 година
• ЕБИТДА од 910 милиони денари ги надмина остварените 839 милиони денари во истиот период претходната година, како резултат на одличната продажба остварена претежно на домашниот пазар и ефикасното управување со залихите, што овозможи непречена продажба на клиентите во време на многу неизвесности и континуирани флуктуации на меѓународните цени на горивата.
• Годишните приходи од продажба за 2022 година изнесуваа 59.964 милиони денари, значително надминувајќи ги 26.136 милиони денари од претходната година, главно поттикнати од зголемената продажба на двата пазари, со целосно закрепнување на продажбата на дизелот и млазното гориво, снабдувањето на електраните со мазут и продажбите кон Агенцијата за задолжителни нафтени резерви.
• Бруто-маржата го следи истиот тренд и достигна 1.517 милиони денари во текот на 2022 година, надминувајќи ги остварените 1.377 милиони денари од претходната година, како резултат на позитивното влијание од зголемените количини на продадени деривати, растот на меѓународните цени на горивата, зголемените приходи од продажба на електрична енергија и зголемениот надомест за чување на државни резерви.
• Во четвртиот квартал од 2022, ЕБИТДА достигна негативен износ од 125 милиони денари, како резултат од негативното влијание од падот на меѓународните цени на горивата.
• Добивката пред оданочување, на годишно ниво, достигна 618 милиони денари, надминувајќи ги остварените 453 милиони денари во истиот период претходната година, поттикната од зголемениот обем на продажба, зголемениот приход од количините на државни резерви сместени во капацитетите на компанијата, и надополнет со позитивниот ефект од нагорното движење на меѓународните цени на горивата во првата половина од 2022 година.
• Компанијата, во согласност со своите стратешки приоритети, инвестираше 48,348 милиони денари во текот на 2022 година во одржување на своите складишни капацитети и иницијативи за здравје и безбедност.
И покрај недостигот во регионот, ОКТА останува лидер во снабдувањето со горива во земјата и регионот во овие времиња полни со предизвици, постојано следејќи ја ситуацијата со цел да обезбеди редовно и непречено снабдување со најквалитетни деривати на локалните и соседните пазари, додека продолжува да расте и да придонесува кон општеството.
Информации во врска со спорот со Царинската управа на Република Северна Македонија
Заклучно со декември 2022 година, вкупниот износ за кој царинските органи имаат донесено решенија во однос на овој период изнесува 1.106 милиони денари. ОКТА ја исплати оваа сума во целост во 2022 година, доставувајќи допис до надлежниот царински орган со кој се укажува дека било кои плаќања од ОКТА не претставуваат и не треба да се толкуваат како признавање на долг или одговорност од страна на ОКТА.
На 21 септември 2022 година, ОКТА доби известување од Царинската управа за периодот јануари – мај 2019 година во кое беше наведено дека на компанијата ќе ѝ се изрече слична даночна постапка, по што беа добиени решенија со кои на истата ѝ се наплатија дополнителни обврски коишто заклучно со декември 2022 година изнесуваа 25 милиони денари. ОКТА ги исплати во целост сите износи побарувани во 2022 година.
Проценетата максимална дополнителна изложеност не се очекува да надмине 59 милиони денари (со вклучена камата до 31 декември 2022 година). На 31 декември 2022 година, компанијата направи резервација од 59 милиони денари, што претставува нејзина најдобра проценка за потенцијалните идни парични одливи.
Компанијата останува на својот став дека постапила во целосна согласност со сите релевантни закони, како и според добиеното стручно мислење, и планира да ги оспори овие одлуки до највисоките судски органи.
Корпоративна општествена одговорност
ОКТА ја заокружи годината со имплементирање на бројни општествено одговорни активности, потврдувајќи ја својата посветеност кон заедницата. Донација од 6.000 литри екстра-лесно масло за греење беше доделена на една од куќите во СОС Детското село, каде се згрижуваат млади без родителска грижа. Како поддршка на локалната заедница, ОКТА обезбеди 365 новогодишни пакетчиња за сите ученици во трите основни училишта лоцирани во близина на компанијата. Во рамки на програмата „Нова генерација“, стипендии за постдипломски студии на УКИМ беа доделени на двајца студенти, овозможувајќи им понатамошен професионален и академски развој. Заложбата на ОКТА за зачувување на националното културно наследство беше потврдена преку нејзината поддршка на значајни музички и културни настани во последниот квартал од 2022 година.
Индустријата е значително изложена на макроекономски фактори како што се цените на суровините, валутните флуктуации, каматниот ризик, пандемијата и во последно време, политичките случувања. Флуктуациите на цените на стоките можат да влијаат врз цените на стоките кои се набавуваат, чуваат на залиха (суровини или готови производи) или продаваат. Менаџментот на ОКТА внимателно го следи опкружувањето полно со предизвици и преку проактивно планирање ја води компанијата напред преку искористување на разните можности кои се појавуваат со цел уште повеќе да ги подобри деловните резултати и ефикасноста.