Нема регистар за недвижен имот и регистар на издадени одобренија за поставување на урбана опрема и неправилности во начинот и постапката на давање на користење на деловни простории, урбана опрема и спортски објекти, констатирал Државниот завод за ревизија при направената ревизија на финансиските извештаи за 2021 година во Општина Ѓорче Петров.
Ревизорите утврделе дека има и непрецизно утврдени критериуми за оценка на барањата за донации и спонзорства, непочитување на начелото на транспарентност и отчетност при доделување на финансиската помош и искористените средства и извршените градежни работи – изградба и реконструкција на улици и патишта се без одобрение за градба и проект.
Како клучни системски слабости ги издвојуваат нецелосниот увид во наплатата и потврдувањето на приходот по основ на комунална такса што се плаќа при регистрација на возила и комуналната такса за користење и одржување на јавно осветлување.
Клучните препораки од извештајот се да се воспостави регистар за недвижен имот и регистар на издадени одобренија за поставување на урбана опрема и постапките за давање на користење на стварите во сопственост на општината да се спроведуваат по пат на електронско јавно надавање. Распределбата на средства да се врши според методологија и утврдени критериуми, а општината на својата веб-страна да ги објави субјектите кои добиле буџетски средства.