Еурофарм Пелистер одигра уште еден катастрофален натпревар во Лигата на Европа на ЕХФ, губејќи на домашен терен од Мотор со 25-27, резултат што значи и елиминација на македонскиот вицепрвак од ова европско натпреварување.
Битолчани играат многу слабо од почетокот на оваа 2023 година во европските купови, не успеаја да се опорават ниту на денешниот клучен меч. Не помогна ниту фактот што и реми беше доволно за битолчани да се пласираат во осминафиналето
Марио Танкоски постигна девет гола од десет обиди, но македонскиот бек беше осамен во нападот, тотално потфрлија странците во бековската линија, а во самиот финиш шут за израмнување кое ќе значеше и четврто место во групата промаши капитенот Радовиќ.
Лесјак првата одбрана ја имаше дури во 10. минута, а Еурофарм Пелистер конечно влезе во ритам со влегувањето на Танкоски, кој даде два гола и изнуди еден пенал, по што битолчани поведоа со 8-7. Пелистер имаше 11-9, но потоа повеќе од девет минути нашиот претставник не успеа да постигне ниту еден гол, што Украинците го искористија за повторно да го свртат резултатот во своја полза. Лејсак успеа да одбрани седмерец при 12-13, следеше гол за израмнување, но во 28. минута Васиљев беше исклучен, што беше искористено од страна на ракометарите на Мотор, кои на одмор заминаа со предност од 13-15.
Кризата се продлабочи уште повеќе откако Мотор за само три минути игра во вториот дел зголеми на четири гола предност (14-18). Одбраната не беше на висина на задачата во клучните моменти, Мотор реализираше кога беше најважно, а Танкоски беше единствениот расположен во нападот на Пелистер, постигнувајќи го деветтиот гол на мечот за 25-26 на две минути до крајот.
Битолчани добија напад за израмнување на една минута до крајот, Валтер побара и тајмаут, но капитенот Радовиќ промаши зицер од крило, што значеше и пораз на Еурофарм Пелистер и елиминација на македонскиот вицепрвак уште по првата фаза од Лигата на Европа на ЕХФ.
Кај гостите Турченко беше најефикасен со седум гола, додека голманот Комок имаше 13 одбрани, речиси двојно повеќе од Урбан Лесјак, кој остана со седум.
Пелистер има шест бода, доволни за петтото место во групата Д, а Мотор го прескокна и со седум ја освои четвртата позиција, која носи во осминафиналето, против Нексе.