Сите надлежни институции се информирани, но никој не знае ко ји зошто го уби Тоби, кучето скитник, љубимец на граѓаните кои живеат кај „Млечен ресторан“. Информацијата за убиството на Тоби ја објави Тина Мицковска, активистка за заштита на животни, на својот Фејсбук.
-Маалскиот миленик Тоби од Млечен, мирно куче кое сите таму го чуваа и хранеа, денеска за жал го пронајдоа УБИЕН И ПУКАН со ПУШКА спроти Сидро. Некој монструм се дрзнал насред Карпош да пука со пушка во најмирно куче НАСРЕД БЕЛ ДЕН, помеѓу 8:30 и 09:00 утрово. До кога ќе се дозволува вакви психопати да шетаат слободно? Пред некое време во близина беше пукано и во нашиот маалски миленик Џамбо и ништо чудно да се работи за истата будала што може утре да пука и во човек. Доколку некој има некакви информации, ве молам споделете да помогнеме на МВР побрзо да се пронајде, напиша Мицковска на Фејсбук и додаде.
„Извини Тоби што живееше во суров свет, трчкај слободно сега горе“
-Од Секторот за операции и координација при ЦУК, во 15.00 часот, е извршено повторно јавување за следење на континуитетот на пријавениот случај, согласно стандардните оперативни процедури: прво до комуналниот инспектор на Градот Скопје – кој потврдил дека е јавено на Комунална хигиена; второ до контакт лицата од Локалната самоуправа, Општина Карпош – при што повратно е добиено известување дека биле известени потребните институции за отстранување на телото на кучето и потоа трето, до надлежните од Полицијата – што потврдиле дека била пратена екипа за увид на настанот, согласно процедурите при вакви случаи.Потоа, при комуникацијата и координацијата на активностите за конкретниот случај за застрелано куче во Скопје, Дежурниот оперативен центар на Секторот за операции и координација при ЦУК, после телефонска комуникација и контакт со надлежните служби на МВР, согласно оперативните стандардни процедури на ЦУК и по пат на електронски „имеил“ службени пораки ја продолжи комуникацијата интерес за повратни информации за пријавениот случај за застрелано куче во Општина Карпош, во корелација со процедурите и надлежностите на институциите од системот за управување со кризи, информираа од ЦУК, која е единствената институција која покажа интерес за случајот.
Од ЦУК очекуваат истражувањето на случајот и утврдувањето на фактите при ваквите и слични случаи да придонесе за зголемување на безбедноста на граѓаните.
Проблемот со кучињата скитници станува сериозен. Локалните јавни претпријатија не можат да се справат со големиот број на кучиња, бидејќи како што велат немаат услови за нивно вдомување.
Голем број на граѓани секојдневно пријавуваат напади од кучиња-скитници покажуваат дневните билтени на Министерството за внатрешни работи.
Во главниот град, годишно меѓу 500 и 600 граѓани пријавуваат дека ги повредило куче, а речиси сите наплаќаат отштета – и сомнителните пријавувачи и тие што навистина биле нападнати.
Град Скопје и „Лајка“, за оштета одвојуваат речиси милион евра годишно. Во таа бројка влегуваат и процесните трошоци и затоа Градот од минатата година овозможува и вонсудски спогодби.
Задача на „Лајка“ е хумано да ги третира уличните кучиња, да ги заловува, стерилизира, да ги чисти од паразити и да ги вакцинира. Приоритет е да се вдомат, меѓутоа ако нема заинтересирани, кучињата се враќаат на улицата каде што се собрани.
А, размножувањето на улица оди по експоненцијална стапка. Од една женка, за неколку години се продуцираат стотина нови кучиња. Стационарот „Лајка“, во ноември минатата година заловил 111 улични кучиња, од кои 80 биле бремени женки.
Меѓутоа, стационарот „Лајка“ не може редовно и ревносно да си ја врши работата, да го зголемува капацитетот и да третира повеќе кучиња, бидејќи често сметката му е блокирана и не може да ги исплаќа набавувачите, токму поради отштетите.