Високиот претставник за Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, вчера го суспендираше Законот за недвижен имот, што властите на Република Српска (РС) го усвоија кон крајот на минатата година со цел да ја преземат сопственоста врз недвижниот имот што и припаѓа на државата.
Спорниот закон требаше да стапи во сила денеска, а суспензијата трае до одлуката на Уставниот суд на БиХ дали законот е усогласен со Уставот.
Претседателот на РС, Милорад Додик изјави дека нема намера да ја почитува одлуката на високиот претставник.
„Од правна гледна точка денеска ништо не се случи“, напиша Додик на Твитер.
Тој го нарече Шмит „случаен патник“ кој нема овластување да се меша во внатрешните работи на БиХ.
Властите на српскиот ентитет сметаат дека БиХ како држава нема имот, односно дека им припаѓа исклучиво на ентитетите.
Предмет на спорот е имотот што некогаш и припаѓал на Социјалистичка Република Босна и Херцеговина, а неговиот статус по потпишувањето на Дејтонскиот договор требало да биде дефиниран со посебен закон донесен од Парламентот на Босна и Херцеговина, но тоа не се случи до денеска.