Денеска треба да почне судењето за случајот со нападот врз Пендиков, а во обвинителна клупа треба да седне Илија Спасески кој беше уапсен неколку дена по инцидентот. Според обвинението, тој, заедно со уште едно лице од Битола, од омраза поради националната и етничката припадност, му нанеле тешки телесни повреди на секретарот на бугарскиот клуб „цар Борис Трети“ од Охрид. Неизвесно е дали на судењето ќе се појави Пендиков кој е во Софија. Според процедурите тој ќе треба да изврши препознавање на напаѓачите.
И додека се очекува судска разврска на случајот, продолжува да тече рокот од еден месец, кој истекува на 16 март во кој по предлог на комисијата за употреба на имињата, Министерството за правда ќе треба да пресече дали и кое од здрженијата ќе биде избришано од Централен регистар поради спорно име. Од Централен регистар до Министерството за правда доставиле список со 17 илјади организации, меѓу кои и бугарските, кои треба да бидат предмет на оценка.