Најдобриот стрелец во историјата на НБА, Леброн Џејмс би можел да отсуствува неколку недели поради повреда на десната нога, што би било голем удар за неговите Лејкерси во трката за плеј-офот, пишува ESPN.
Иако клубот од Лос Анџелес најави дека Џејмс вечерва ќе настапи на натпреварот против Мемфис, американските медиуми пренесуваат дека на 38-годишната суперѕвезда му се прават детални прегледи каде стручњаците треба да ја утврдат тежината на повредата што ја заработи во победата против Далас во неделата.
Во тој натпревар, во кој постигна 26 поени, Џејмс падна на подот на крајот од третата четвртина по контактот со Двајт Пауел.
Во понеделникот вечерта, Џејмс ја изрази својата фрустрација во објава на Инстаграм, пишувајќи: „Да… тоа е срање…!“, заедно со фотографија на која се гледа неговата десна нога.
Џејмс оваа сезона има просек од 29,5 поени, 8,4 скока и 6,9 асистенции по натпревар.
Неговото отсуство од неколку недели на помалку од месец и половина или околу 20 натпревари во регуларниот дел може да ги загрози надежите на Лејкерси за пласман во плејофот.
„Езерџиите“ моментно се 12. на табелата на Западната конференција со биланс од 29 победи и 32 порази.