Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш денеска и официјално ја почнува својата прва посета на Ирак во последните шест години а со неа сака да покаже „солидарност“ по долгогодишната политичка криза во земјата, пренесуваат западните агенции.
-Сакам да покажам солидарност со народот и демократските институции на Ирак и солидарност што значи дека Обединетите нации целосно ја поддржуваат консолидацијата на институциите во оваа земја, изјави Гутереш.
Тој додаде дека сè уште сака да го изрази своето „верување дека Ирачаните, преку отворен и инклузивен дијалог, ќе можат да ги надминат тешкотиите и предизвиците со кои се уште се соочуваат“.
Првиот човек на ОН синоќа слета во Багдад, а денеска треба да се сретне со премиерот Мухамед Шија Ал Судани, како и со претставници на Групата за права на жените и младите.
За утре е планирано тој да посети камп за раселени лица на северот од земјата, а потоа во Ербил да се сретне со претставници на регионалната Влада на Ирачки Курдистан.
Генералниот секретар на ОН последен пат го посети Ирак пролетта 2017 година.