Ванеса Брајант и нејзините три ќерки ќе добијат отштета од 28,85 милиони долари од Одделот на шерифот на округот Лос Анџелес поради фотографиите од телата на Коби Брајант и нивната ќерка Џиана откако загинаа во хеликоптерска несреќа, кои најпрвин ги снимија, а потоа и ги споделија на социјалните мрежи полицајците и пожарникарите кои беа на местото каде што се случи несреќата.
Вдовицата на Брајант веќе доби 15 милиони долари, но по конечното спогодување, сумата беше речиси двојно зголемена. Таа и семејствата на преостанатите седум патници претходно постигнале доверлива спогодба со компанијата одговорна за хеликоптерот, а Крис Честер, кој ги загуби сопругата и ќерката во несреќата, доби 20 милиони долари во посебна тужба против округот Лос Анџелес.
Кога на ова ќе се додадат и други две посебни спогодби од по 1,25 милиони долари со други семејства, округот Лос Анџелес изгуби повеќе од 50 милиони долари поради скандалот.
Адвокатот на Ванеса Брајант, Луис Ли, рече дека се надева дека оваа победа ќе спречи „вакво гротескно однесување да се повтори во иднина“.