Новинарите од германските весници „Билд“ и „Велт“се пред заминување од своите работни места. Ќе ги наследат системи за вештачка интелигенција, најави извршниот директор на германската медиумска група „Аксел Шпрингер“, Матијас Дефнер, со образложение дека овој издавач се обидува да ги зголеми приходите на весниците со преминување во целосно дигитална медиумска компанија.
Дефнер вели дека кратењето на работните места е неизбежно, зашто автоматизацијата и вештачката интелигенција ќе направат многу од нив да станат вишок.
„Вештачката интелигенција има потенцијал да го направи независното новинарство подобро од кога било или едноставно да го замени. Алатки како ChatGPT ветуваат револуција во информирањето и наскоро ќе бидат подобри во собирањето информации од новинарите. Оваа промена е суштинска за иднината на нашата издавачка куќа. Ќе преживеат само оние кои ќе ги креираат најдобрите содржини“, напиша Дефнер во интерно писмо до вработените.
Медиумската гупација „Аксел Шпрингер“ не прецизираше колку луѓе би добиле отказ, но вети дека нема да се крати бројот на репортери, автори или специјализирани уредници.