Европската Унија дава огромна помош во консолидирање и проширување на соработката меѓу земјите од Западен Балкан и покрај негативните ефекти од војната во Украина. Граѓаните на Северна Македонија треба да бидат горди на се што имаат постигнато до сега, што се разбира, е резултат на соработката со ЕУ и НАТО, рече денеска заменик министерот за надворешни работи на Чешка, Мартин Дворчак, за време на вториот Скопски Економски Форум, во организација на Делфи Економски Форум и Грчката бизнис асоцијација.
Тој потенцираше дека Европската Унија останува посветена на земјите од Западен Балкан и покрај ситуацијата со Украина, и додаде дека целта е да се продолжи процесот на интеграцијата во ЕУ.
-Чешка го презема претседавањето со ЕУ во последните шест месеци на 2022 година и јас сум исто така горд, затоа што верувам дека чешкото претседавање беше движечка сила на многуте промени кои што беа постигнати во последните шест месеци. Самитот меѓу ЕУ и Западен Балкан во Тирана беше првиот настан на високо ниво кое се случуваше во регионот. Тој резултираше со позитивен развој во односите меѓу ЕУ и Западен Балкан, што беше резултат и на претседавањето на Чешка, и на институциите на ЕУ и на земјите на ЕУ, рече Дворчак.
Додаде дека за време на чешкото претседавање, се олесни процесот на пристапување на Северна Македонија и Албанија кон ЕУ и се воведе визна либерализација со Косово. Исто така, потенцираше, беше примена и апликацијата на Косово за членство во ЕУ.
Сето ова, како што рече, е силен сигнал дека ЕУ останува посветена и покрај ситуацијата со Украина.
-Новата геополитичка и безбедносна реалност има нова вредност во процесот на проширување на Европската Унија. Претходно, ние се фокусиравме на реформи кои им овозможија на земјите од Западен Балкан да напредуваат во процесот на пристапување и развивме регионална соработка, како начин на зајакнување и интеграција на потенцијалот на регионот и забрзување на процесот на реформи, додаде Дворчак.