Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) во соработка со Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ), денеска во студентскиот дом „Гоце Делчев“ ќе организираат јавен настан насловен „Билет во еден правец – Дали институциите преземаат нешто за да го променат ова?“.
Целта е да се презентираат две конкретни идеи за подобрување на квалитетот на живот на студентите и нивното вклучување во процесите на одлучување.
Станува збор за креирање на прва студентска платформа за општествена одговорност поддржана од македонските компании и презентирање на иницијатива до владините институции и општините за вклучување на студентите.
Истовремено, настанот ќе има за цел да поттикне и јавна дебата на која ќе се разговара за причините на студентите и младите луѓе да ја напуштат земјата, односно зошто се повеќе млади изминативе децении се решаваат да купат билет во еден правец. Студентските претставници ќе дебатираат и за решенијата коишто опфаќаат мотивација на младите да останат и да се вработат во својата држава или да се вратат дома и да го применат стекнатото знаење и искуство од престојот во странство.
Посебен акцент во дебатата ќе биде ставен на улогата што ја имаат институциите на централно и локално ниво, како таа да се промени и прилагоди на младите луѓе, но и дали доволно се прави за квалитетен студентски стандард почнувајќи од условите за престој во студентските домови, мерките за поддршка како студентскиот оброк, дигитализацијата на образованието, достапноста на информации и финансиска поддршка за основање или вклучување во бизниси и стартапи за студентите и слично.