Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска оствари билатерална средба со својата колешка, министерката за култура и медиуми на Црна Гора, Maша Влаовиќ, на која се разговараше за досегашната и за идната соработка во областа на културата меѓу двете земји, како и за одличните релации во рамките на регионалната соработка.
Костадиновска-Стојчевска и Влаовиќ се согласија дека досегашната интензивна и плодотворна работа резултираше со голем број проекти и иницијативи во сите дејности на културата.
„Задоволни сме од блискиот начин на кој соработуваат институциите, поединците и здруженијата од културата, особено во литературната и драмската дејност, како и на летните фестивали ‘Охридско лето’ и ‘Котор арт’. Уверена сум дека со денешното потпишување на новата Програма за соработка за периодот 2023 – 2026 година, ќе овозможиме уште побогата институционална соработка, реципрочно користење на капацитетите на институциите, заеднички проекти и иницијативи”, рече министерката Костадиновска-Стојчевска.
На средбата стана збор и за развивање програми за размена на млади луѓе од Европа, за презентација на културните традиции на земјите од каде што доаѓаат.
Во тој контекст, Костадиновска-Стојчевска го подвлече и значењето на иницијативата „Отворен Балкан”, која нуди големи можности за унапредување на соработката во областа на културата, и изрази уверување дека Црна Гора наскоро и официјално ќе пристапи кон оваа иницијатива.
На средбата беше истакната и досегашната успешна соработка во рамките на Форумот на словенските култури, Советот на министри за култура од Југоисточна Европа, УНЕСКО и во други меѓународни организации.
На крајот, Костадиновска-Стојчевска и Влаовиќ изразија задоволство што токму во годината кога нашата земја одбележува 60 години од скопскиот земјотрес, вечер во Музејот на современата уметност ќе биде отворена изложба на дела од творештвото на еден од највлијателните сликари на територијата на поранешна Југославија во децениите по Втората светска војна, Петар Лубарда.