Министерот за економија, Крешник Бектеши, оствари билатерална средба со министерот за енергетика на Украина, Герман Галушченко, во рамките на министерскиот состанок на Партнерството за трансатлантска енергија и климатска промена (P-TECC), кој се одржува во Загреб. На состанокот присуствуваше и генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.
Двајцата министри разговараа за актуелни прашања за билатералната енергетска соработка, како и за градење на регионалната коалиција за енергетска безбедност наспроти тековната руска воена агресија против Украина.
Бектеши истакна дека Северна Македонија целосно ги поддржа сите санкции на Европската унија против Русија и ќе ги поддржи сите санкции што ќе бидат преземени во иднина. Ние како држава даваме целосна поддршка за Украина и воено и финансиски, но и во енергетскиот дел.
„Ние ја даваме целата поддршка што е потребна за обновување на енергетскиот систем на Украина. Северна Македонија во согласност со можностите ќе учествува во сите напори за реконструкција на енергетскиот сектор на Украина. Ние сме на ваша страна“, рече министерот Бектеши на средбата со својот украински колега.