Нема ништо од Едно општество за сите, во Македонија никој не доби ништо, добија само оние од власта, добија тендерашите, се промовираат вредности меѓу младите кои не се вредности, рече професор Весна Јаневска, претседател на Комисијата за образование на ВМРО-ДПМНЕ на гостување во емисијата За или против што се емитува на телевизија Алфа.
Професорката се осврна на случајот со синот на претседателот на Собранието, Талат Џафери.
„Синот на Талат Џафери, случајот со синот на Џафери не смее да се заборави. Тоа е пример кој не смее да се заборави. Тоа е пример како не треба, без завршен факултет добил правосуден, или полагал без да смее да полага, па отишол на Академија, сега е на листа за јавен обвинител. И децата, младите го гледаат ова и се демотивираат. Има деца кои учат. Ние им даваме примери она што не треба да го прават. Тие го гледаат само она што не треба да го прават”, рече Јаневска.
Јаневска се осврна и на ситуацијата меѓу Македонија и Бугарија објаснувајќи дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ е многу европски, бидејќи европски е да се брани културата и идентитетот.
„Против волја на народот се прифати францускиот предлог, анализата покажа дека тоа не е поволно за нас. Многу е европски ставот на ВМРО-ДПМНЕ, европска вредност е да се брани идентитетот и културата. Ние бараме нешто што на сите им е признаено, а тоа е да кажеме дека сме Македонци”, рече Јаневска.