Правниот тим на Бојан Јовановски-Боки 13 побарал термни за поднесување кривични пријави и отпочнување на кривично-правната операција која ја нарекоа „Бумеранг“. Тие велат дека поради обемноста на материјалите кои Јовановски-Боки13 ги поседува, побарани се повеќе термини. Напоменуваат дека: „Квалитативната обработка на материјалот, доказите ќе се врши исклучиво во присуство на подносителот Бојан Јовановски и на неговите полномошници, адвокати“.
„Поради чувствителноста , карактерот и сериозноста на отпочнатиот процес со кодно име “Бумеранг” апелираме до јавноста дека истиот ќе се врши транспарентно во име на високиот степен на јавниот интерес. Гласно укажуваме до центрите на моќ кои веројатно се директно засегнати од овој процес да не вршат притисоци, да не упатуваат директни и индиректни закани и да престанат со незаконски дејствија на уценувања и заплашувања со цел да го спречат и попречат започнатиот процес “Бумеранг”, секако дека ваквите погоре опишани дејствија од центрите на моќ беа очекувани за нас, но недвојбено истакнуваме дека ништо од сето тоа нема да ја спречи реализацијата на кривично-правната операција “Бумеранг” и дека во одреден момент доколку продолжи трендот на притисоци, закани, уцени, засегнатите страни ќе добијат соодветен одговор за нивните незаконити дејствија кои интензивно и задкулисно се случуваат изминатите денови од кога е јавно објавено започнувањето на процесот“, посочува адвокатскиот тим на Јовановски-Боки 13.
Тие се обратија и на меѓународниот фактор.
„Го повикуваме и меѓународниот фактор во име на императивната заложба за владеење на правото и во име на фактот сто во изминатите години токму од меѓународната заедница се вложени големи финансиски средства во нашата држава и правосудните институции за подобрување и прогрес на правото и правната држава, да го следат со внимание отпочнатиот процес и во рамки на своите надлежности да дадат свој позитивен придонес кон реализација на процесот. Јавноста ќе биде информирана за првиот термин и за останатите усогласени термини за предавање на доказниот материјал и пријави во ОЈО за ГОКК Скопје“, додаде адвокатскиот тим на Јовановски-Боки 13.