Амбасадорката на Соединетите Американски држави Ангела Агелер вчера го посети градоначалникот на Центар Горан Герасимовски. Герасимовски на средбата ја запозна Агелер со проектите на Општина Центар по што особен интерес од амбасадорката доби за социјалните проекти и оние преку кои се заштитува животната средина.
„Активни се низа социјални проекти во Општина Центар меѓу кои обезбедување лични асистенти за учениците и за време на летниот распуст кога не се на училиште, грижа во домот за стари лица каде пензионерите добиваат нега во своите домови. Во соработка со невладините организации обезбедуваме хуманитарни пакети за социјално загрозените семејства, децата во малите групни домови и примателите на социјална помош. Наскоро отпочнуваме и со проект за нега на лицата постари од 60 години кои боледуваат од Алцхајмерова болест. Преку овој проект обезбедуваме 24 часовна нега и згрижување во времетраење од 15 дена и други. Општина Центар и во иднина продолжуваме да бидеме најголем партнер на граѓаните“, рече вчера Герасимовски пред Агелер.
На средбата Герасимовски зборуваше и за акциите за чистење кои амбасадорката Агелер како личност која живее и работи во Центар особено ги поздравила и дала поддршка прифаќајќи ја понудата на Герасимовски и лично да се вклучи во некоја од следните големи акции за чистење во Центар. На средбата станало збор и за новоформираното претпријатие „Енергија Центар“ како и за транспарентноста во општината и новата градинка „Пролет“ која се гради во истоимената населба.