Непознат сторител нацртал руско знаме на камен на кој стои статуа посветена на бајката на Ханс Кристијан Андерсен во пристаништето во Копенхаген.
Данската полиција објави дека отворила истрага за сквернавењето на споменикот, со кој сторителот очигледно сакал да ја поддржи Русија за време на нејзината инвазија на Украина.
Неколку вчудоневидени туристи ја снимаа вандализираната скулптура во четвртокот наутро.
Бронзената статуа е поставена во 1913 година на релативно изолирано шеталиште и е редовна цел на различни протестни акции.
Така, во 1964 година, „Малата сирена“ ја изгубила главата за прв пат и нејзината оригинална глава не била пронајдена.
Во 1998 година, вандалите повторно ја обезглавија сирената, а во 2003 година беше цел на експлозија, пишуваат медиумите.
Сирената била обоена од вандали во разни бои за да го изразат своето несогласување, на пример со ловот на китови, а во 2020 година на скулптурата се појавил мистериозниот натпис „Расистичка риба“.