Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја повика Европската унија да создаде безбедносно тело како НАТО, но без Соединетите Американски Држави.
„Европското НАТО би било решение. Јас веќе го предложив во 2012 година“, истакна Орбан во интервју за швајцарскиот неделник „Die Weltwoche“, додавајќи дека европските земји треба да бидат подготвени да се бранат.
„САД и ЕУ плаќаат различни цени за војната, а Американците, а не Европејците, го имаат последниот збор во сè“, додаде тој.
Во истото интервју Орбан заклучува дека Москва би можела да има потешкотии во следните две или три години. Но, додаде тој, „ситуацијата ќе се промени на подобро бидејќи Русите знаат да учат и да се прилагодат на тешкотиите и не треба да се потценуваат“.
Орбан, еден од ретките сојузници на Путин во Европа, во неодамнешното јавно обраќање рече дека Европа тоне во војна.
„Сите гледате дека сакаат да не вовлечат во војна и сакаат да им се придружиме на провоените земји“, рече тој.
Повтори дека неговата земја мора да трпи провокации секој ден.
„Ве молам да не наседнувајте на провокации и треба да се држиме до интересите на Унгарија на политичката сцена“, додаде тој.
Орбан рече дека неговата влада „гледа со голема загриженост“ како Европа постепено „тоне во војна“, истакнувајќи дека неколку земји испраќаат тенкови и размислуваат да испратат борбени авиони во Украина.
Тој рече дека имало дури и такви кои сакале да испратат војска во Украина. Тој посочи дека на изборите во април минатата година, што го потврди и владината јавна анкета, Унгарците одлучиле Унгарија „да остане настрана од војната“ и да не доставува оружје.
Тој го нарече важен кинескиот мировен план и додаде дека Унгарија го поддржува. Нагласи дека земјите како Унгарија, кои треба да увезуваат најголем дел од својата енергија, се особено „измачени од инфлацијата“.