Османи: Северна Македонија рефлектира ведности и затоа светот ја вклучи во обликувањето на колективната безбедност

Со министерот за надворешни работи Османи разговаравме и за други прашања како што се улогата на Северна Македонија како претседавач на ОБСЕ во реинвентирањето на архитектурата на светската колективна безбедност, консолидирањето на македонско-бугарските односи и улогата на САД во тој процес, како и аспектите на регионалната стабилност од дијалогот Белград-Приштина.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Како претседавач со ОБСЕ и како членка на НАТО, Северна Македонија се најде во средиштето каде што се дебатираат и креираат мултилатералните политики за колективна безбедност. Може ли да се биде оптимист во период на изразена биполарна тензија во светот, да се врати довербата во мултилатералните организации како што се ОН или ОБСЕ? Може ли Северна Македонија да учествува суштински во реинвентирањето на овие меѓународни организации?

Османи: Фактот дека сме мала држава се покажа дека не е обесхрабрувачки за да бидете важен на меѓународната сцена. Тоа значи дека доколку имате вредности и рефлектирате вредности, тоа светот го препознава и ве вклучува за да ги обликувате прашањата и на светско ниво. Тоа е приказната на Република Северна Македонија.

Една мала држава, од тежок регион денеска ја претседава најголемата регионална безбедносна организација во светот која се протега од Ванкувер до Владивосток со 1,3 милијарди жители, 57 земји учеснички, од САД и Канада од една страна, преку сите земји на НАТО и ЕУ, Руската Федерација и централно-азиските земји.

Но, ако забележувате дека косовско-српскиот дијалог се префрлува во Охрид, или, пак, прифатената понуда Молдавија, односно Кишињау и Трансњистрија преговорите да ги продолжат во Скопје, зборува за новата улога што на оваа мала држава којашто покажува пример како се градат вредности.

Во таа насока, можете ли да го проектирате овој оптимизам да се врати довербаата во мултилатерализмот наспроти на биполарноста со која е соочен светот денеска?

Ние сме држава којашто верува и инвестира во мултилатерализмот. Сметаме дека мултилатерализмот ги заштитува вредностите и интересите на помалите земји. Нашето вклучување во тие платформи, меѓу кои освен претседавањето со ОБСЕ, Северна Македонија оваа година претседава и со А5 Јадранската повелба, претседаваме и со процесот за соработка на Југоисточна Европа, ние сме членка на НАТО, преговараме за членствио во ЕУ. Значи учествуваме во најважните мултилатерални органи и платформи во светот ние сме важен чинител бидејќи веруваме во мултилатерализмот и тоа е еден од приоритетите во нашата надворешна политика.

Во еден период велевте дека заради непостоењето на стабилна политичка Влада во Бугарија не може да се очекува напредок во преговорите меѓу Софија и Скопје, но дека сепак на ниво на министерства постои одредена комуникација. Може ли да направите проценка како ќе се одвива дијалогот меѓу Бугарија и Северна Македонија и дали можеме да очекуваме позитивен исчекор?

Ние вчера имавме конзуларни разговори на двете министерства за надворешни работи што е првиот подиректен контакт после последното заладување коешто се случи во односите што зборува дека има базична комуникација и во услови на избори во Република Бугарија.

Иако, јас коментирав и на едно друго место, ова што се случува е класично киднапирање на односите од одредени политички партии во Бугарија за да капитализираат за изборите.

Вториот аспект е дека во Република бугарија веќе две години нема политичка влада. Во услови кога нема политичка капа, тогаш сите тие радикални и конзервативни елементи кои политиката по дифолт ги потиснува ги најдоа своите 5 минути. Најдоа бришан простор за да може да си ги манифестираат своите конзервативни и радикални позиции и тоа го гледаме во моментот.

Сметам дека е најважно сега на наредните избори во Бугарија да има конечно политичка влада со којашто ќе можеме да имаме нормална политичка комуникација за односите во иднина. 

Многумина препознаваат позначителен ангажман на САД околу прашањето Софија-Скопје во врска со откочувањето на евроинтеграцискиот процес на нашата земја. Дали е навистина така ако се земе предвид дека Македонија и Западен Балкан за Вашингтон се прашање околу кое треба да бидат затворени сите ризици како геостратешка позиција на источното крило на НАТО?

Во услови на војна на континентот, во услови на руска агресија во Украина, многу е важно прво да се консолидира и одржи единството на трансатлантската заедница. Второ, многу е важно да се внимава на потенцијалните кризни региони, конфликти, спорови за да не бидат злоупотребени од страна на Руската Федерација за да го дефокусира од еден централен фокус во којшто е сега светот.

Се разбира дека зголемениот ангажман на ЕУ во однос на европската перспектива на регионот е за одбележување кога само минатата година имаше 4 поместувања со почетокот на преговорите за Албанија и Северна Македонија, Босна и Херцеговина доби кандидатски статус и Косово со визната либерализација. На исток Украина и Молдавија добиваат кандидатски статус што значи целиот процес на европското проширување влезе во нов контекст, во контекст на геополитичка важност, односно проширувањето стана инструмент за безбедност на самиот европски континент и се разбира дека тука САД се важен чинител.

САД веруваат во европската перспектива на Северна Македонија. Јас често повторувам дека зад секој успех на нашата држава, во еден тежок регион, има помал или поголем печат на САД. Тие се наши стратешки партнери, со којшто минатата година отворивме ново поглавје и стратешкото партнерство премина во стратешки дијалог којашто е една динамизирана форма на односи.

Како ќе рефлектираат првичните позитивни сигнали договор за спорните прашања меѓу Косово и Србија во регионот? Северна Македонија и во овој случај се покажа како амбиент од доверба кој може да стимулира одржливи решенија за стабилност и просперитет на регионот.

Во регионот има две потенцијални слаби алки, слаби точки. Едно е косовско-српскиот спор и второ е Босна и Херцеговина и потешкотиите во функционирањето на Дејтонскиот договор. Затворањето не едно од овие две прашања ќе биде значителен исчекор во конечно стабилизирање на регионот, во помирувањето и во натамошното евро-атлантско консолидирање. Фактот што имаше сериозен прогрес сега во Брисел, фактот што тој прогрес може да добие конечна форма токму во Охрид прво има своја симболика заради успесите на Охридскиот рамковен договор нудејќи модел како се решаваат етничките прашања и е признание за Северна Македонија како важен чинител во регионот, односно како контрибутор на стабилност и безбедност во регионот, рефлектирајќи ја на тој начин нашата функционална меѓуетничка демократија, нашата култура на компромис, култура на дијалог, којашто, за жал, е сѐ поретка не само во регионот, туку и во светот. Ние, на некој начин , стануваме една точка, референца за тоа како европската идеја може да се прошири во овој регион.

Во контекст на културата на дијалогот во однос на решавањето на спорот меѓу Скопје и Софија, што е нашата домашна задача? Дали останува да се постигне консензус во Собранието околу внесувањето на бугарското малцинство во Уставот?

Внесувањето на бугарското малцинство во Уставот е важно од две причини. Прво затоа што дава насока како ќе се постават македонско-бугарските односи долгорочно во иднина. Додека се обидуваа, Република Бугарија пред сѐ, тие односи да ги става во историски контекст, ние најдовме решение дека тие односи ќе се постават на начин на комуникација меѓу две заедници, мнозински македонски народ и малцинска бугарска заедница, коишто живеат во еден нормален соживот во Република Северна Македонија. Така ќе се трасира и патот на односите меѓу двете земји, на двата народа.

Второ, внесувањето, односно промената на Уставот е важно за да продолжи процесот на преговори и тука ние ќе мора да постигнеме надпартиски консензус, да ги оставиме оставиме интересите на дневната политика, да седнеме и да ги анализираме сите аспекти про ет контра за уставните измени.

Ве уверувам дека и на експертско и на политичко ниво, и на било кое друго ниво, ќе доминираат аргументите „за“ за уставните измени бидејќи тие се во наш интерес.

Извор: Рацин

Треба да знаете
Последни објави