Правниот тим на Бојан Јовановски-Боки 13 тврди дека за осудениот, 11 пати во изминатиот период, повикале Брза помош во затворот „Идризово“, за што доставија и медицинска документација до медиумите. Во нив, според нив, стои дека Јовановски-Боки 13 не може да ја добива пропишаната терапија во тие услови, а таму ниту може да има хигиено-диететски режим, потребен за подобрување на неговата здравствена состојба. Тие доставија и конзилијарни мислeња добиени од државни клиники, со кои посочуваат дека го поткрепуваат тврдењето за влошената здравствена состојба на Јовановски-Боки 13.
„Поради степенот на високиот јавен интерес, водејќи се од начелото на транспарентност, а во врска со актуелните случувања поврзани со постапката за прекин на издржување на казна затвор, согласно одредбите од Законот за извршување на санкции на осуденото лице Бојан Јовановски со прекар Боки 13 ја информираме јавноста дека согласно сите веќе доставени медицински докази (медицински конзилијарни стручни мислења) до судот кои со сигурност упатуваат на фактот дека осудениот Бојан Јовановски со прекар Боки 13 не може да се лекува во пенални услови, а особено поради конзилијарното мислење од ЈЗУ УК за Дигестивна хирургија Скопје од 23.01.2023 година, мислење кое беше истакното и издвоено од страна на Основниот Кривичен суд при известувањето до јавноста од страна на судот на ден 17.02.2023 година. Во посоченото мислење од ЈЗУ УК за Дигестивна хирургија Скопје се вели дека специјалист истите од таа клиника се согласни со дадените препораки од страна на колегите хирурзи од ЈЗУ УК СВ. НАУМ ОХРИДСКИ за препишаната терапија и за потребата од спроведување на строг хигиено-диетски резим, истите се оградуваат од прашањето дали има услови за спроведување на хигиено-диетскиот режим во затворот и во последниот пасус наведуваат дека во насока на сето наведено општата состојба на пациентот не е компромитирана, особено доколку му се овозможат соодветни услови за апликација на тераписки третман и примена на хигиено диетски режим“, пишува во соопштението.
„Во однос на сето наведено а доведено во корелација со мислењата од државни универзитетски клиники, ја информираме јавноста дека е констатирано и утврдено дека во затворот, односно во пенални услови не постои ниту начин, ниту постојат услови за неопходно лекување и третман на Бојан Јовановски. Од страна на 11 доктори од Итната помош која доаѓала секојдневно во затворот констатирано е дека препишаната терапија од отпусното писмо од 17.02.2023 година нема услови целосно да се спроведе во затворски услови и да се аплицира и дека на лице место во затворот е утврдено од 11 лекари дека нема услови и можност за спроведување и примена на неопходниот хигиено-диетски режим. За констатираното и утврденото од докторите од Медицинската итна служба изготвени се писмени потврди од самите доктори со нивни печат и потпис кои ви ги доставуваме во ова соопштение за јавност. Овие докази се доставени до Основниот кривичен суд каде сеуште трае жалбената постапка за барањето за прекин на ден 02.03.2023 година, доставени се и до Управата за извршување на санкции на ден 03.02.2023 година, како и специјалистички контролен извештај од 01.02.2023мгодина од ЈЗУ УКХБ св.Наум Охридски. Во прилог на ова соопштение откако институционално во законска форма се доставени сите докази до надлежните органи, ги доставуваме и до јавноста, се со цел јавноста да ја знае и увиди вистинската слика за тортурата која му се случува на осудениот Бојан Јовановски кој и покрај сите јасни недвојбени лекарски препораки, не му се овозможува прекинот кој го има како законска можност како и секое друго осудено лице. Ве информираме дека жалбената постапка сеуште трае и дека целата постапка за прекин на казна трае веќе 4 месеци, иако согласно закон се работи за постапка од итен карактер, а во правна смисла ќе се согласиме дека постапка од итен карактер е недозволиво и законски незамисливо да трае 4 месеци! Овие докази кои ги доставуваме до медиумите и до јавноста ја покажуваат тортурата на дело, па оттука гласно го поставуваме прашањето кој ќе сноси одговорност за оваа организирана и координирана хајка и најважно од се е кој ќе сноси одговорност доколку настанат компликации кои директно може да резултираат со смртоносни последици по животот на Бојан Јовановски, бидејќи од сето приложено и сега докажано на лице место во затворската установа од 11 лекари дека нема услови за лекување и третман во затворот“, се додава во соопштението.
Тие истакнаа барање и до организации за заштита на човековите права.
„Апелираме и истакнуваме барање до сите надлежни органи, а особено до сите домашни и меѓународни институции и организации за заштита на човековите права веднаш да преземат активности и дејствија во рамки на своите надлежности, со цел да се спречи оваа незапаметена тортура и флагрантно кршење на загарантираните човекови права кој согласно Устав ги има и осудениот Бојан Јовановски со прекар Боки 13!“, додаваат во соопштението.