Бостон го загуби дербито со Никси, Милвоки се зацврсти на врвот

Кошаркарите на Милвоки бакс дополнително се зацврстија на врвот од табелата во Источната конференција, а истовремено и во цела НБА-лига, откако со синоќешната победа на гостувањето кај Вашингтон (117-111) дојдоа до скор 46-18, со кој се одлепија од Бостон селтикс односно Денвер нагетс.

Најзаслужен за триумфот беше Јанис Адетокумпо, кој со 23 поени, 10 скока и 13 асистенции го оствари четвртиот трипл-дабл, а до кој дојде на релативно срамен начин. На Гркот му фалеше еден скок до вакво остварување, до кој дојде буквално во последните секунди кога сам истрча контра без да биде чуван од противникот, за наместо да поентира само ја одби топката од табла за да дојде до двоцифрено остварување и во трета статистичка категорија. Ваквиот негов потег не наиде на одобрување во американската спортска јавност, која уште еднаш потенцира дека најдобрите во НБА повеќе размислуваат за сопствените бројки, отколку за начинот на кој ќе дојдат до нив.

Кошаркарите на Њујорк Никс, по две продолженија, славеа победа во дуелот со Бостон Селтикс. Емануел Квикли го одигра најдобриот натпревар во кариерата и го предводеше својот тим до победата во Бостон 131:129.
Квикли одигра 55 минути, постигна 38 поени, го следеа Џулиус Рендл со 31 поен и 9 скокови и Ар Џеј Барет со 29 поени и 11 скока.
Кај Селтикс се истакнаа Џејсон Тејтум со 40 поени, 11 скока и 6 асистенции, односно Џејлен Браун со 29 и Ал Хорфорд со 20 поени и 14 скока.

ЛА Лејкерс оствари значајна победа во битката за место во плејин-турнирот и тоа на домашен терен во пресметката со Голден стејт вориорс (113-105). Ентони Дејвис со 39 поени и осум скока беше најголемиот „виновник“ за лошиот камбек на Стеф Кари во тимот на „воините“, по пропуштените 12 меча поради повреда. Тој се врати со 27 поени и шест асистенции.

Градскиот ривал, пак, на „езерџиите“, екипата на ЛА Клиперс, конечно, победи по доведувањето на Расел Вестбрук. Серијата од пет порази беше прекината со триумф во пресметката со Мемфис гризлис (135-129), за што најзаслужни беа Пол Џорџ со 42 поени и Кавај Ленард со 34 поени и 10 скока.

РЕЗУЛТАТИ: Бруклин – Шарлот 102-86, Орландо – Портланд 119-122, Хјустон – Сан Антонио 142-110, Оклахома- Јута 129-119, Бостон – Њујорк 129-131 (п), Вашингтон – Милвоки 111-117, ЛА Клиперс – Мемфис 135-129, Далас – Феникс 126-130, Чикаго – Индијана 122-125, ЛА Лејкерс – Голден Стејт 113-105.

Треба да знаете
Последни објави