Платформата за родова еднаквост ќе организира марш за менување на политиките што ги засегаат жените

Платформата за родова еднаквост на 8 март од 18 часот седми пат ќе организира марш во Скопје за да потсети на проблемите кои секојдневно ги имаат жените во земјава. Организаторите велат дека маршот ќе биде израз на „протест на колективната негрижа кон жените и девојките во секој поглед – од растечките стапки на насилство, фемицидите, секојдневни социјални и здравствени неправди и економска несигурност, до високата сиромаштија која особено ги погодува жените“.

Јана Коцевска од Платформата на прес-конференција денеска соопшти дека целта на маршот, насловен „Ќе преживеат ли жените овде?“, е да се изборат за менување на политиките за да се подобрат условите во општеството, зашто во 2023 година кај нас, како што рече, жените и девојките сѐ уште се дискриминирани и немаат докрај остварени права и можности дома, на работа, во политиката и во социјалниот живот.

– Во 2023 година жените се соочени со политики кои не ги препознаваат доволно нивните потреби, институциите не ги заштитуваат доволно. Горечки проблем во државава се насилството и мизогинијата… Да се биде жена или девојка во Македонија значи да се будиш секое утро во страв и да се прашуваш како и дали ќе го преживееш овој ден, секојдневно да се соочуваш со ново прашање за преживување, дали ќе преживеам возење со такси, дали ќе го преживеам месецов, дали ќе преживеам брак или заедница, дали ќе го преживеам породувањето, дали ќе ја преживеам операцијата. Да се биде жена во Македонија значи да се плашиш и постојано да се прашуваш дали ќе преживеам. Затоа слоганот на годинашниот 8 Март е: „Ќе преживеат ли жените овде?“, изјави Коцевска.

Таа смета дека не постојат конкретни, туку само декларативни заложби за подобрување на статусот на жената во општеството и дека и натаму жените остануваат жртви на насилство и живеат во економска несигурност.

– Има напредок во донесување закони, иако некои се заглавени, но клучно е дека проблем е имплементацијата на политиките, институциите не ги спроведуваат како што е пропишано. Тука е најголемата грешка, како да нема евалуација, залудно е што декларативно имаме документи, кога нема промени, рече Коцевска.

Како пример посочи дека градоначалниците на општините не одговориле на апелите да не се исклучува уличното осветлување кое, рече таа, е опасно за безбедноста на жените кога ноќе се движат во јавниот простор.

– Градоначалниците и натаму се глуви по тоа прашање, светлата повторно се гасат. Како да нема волја за вистинско менување на тие политики. Затоа сметаме дека е крајно време нешто да се преземе, додаде Коцевска. 

Повика на маршот задутре да се придружат што поголем број жени, а да се солидаризираат и мажите, зашто родовата еднаквост е придобивка за целото општество.

Маршот ќе почне во 18 часот на плоштадот „Филип Втори“, ќе продолжи по мостот „Гоце Делчев“, пред Владата до улица „Рузвелтова“ и потоа по булеварот „Партизански одреди“ ќе заврши во паркот „Жена борец“. 

Треба да знаете
Последни објави