Сите поранешни команданти на израелските воздухопловни сили (ИАФ) денеска, во писмо до израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант, ја изразија својата загриженост за напорите на владата радикално да ја ограничи моќта на судството во време на протести на пилотите и авионскиот персонал.
„Со длабока загриженост ги следиме процесите што се случуваат во државата Израел и во воздухопловните сили“, напишаа поранешните началници на ИАФ, пензионирани генерали, нагласувајќи дека стравуваат од последиците и од „сериозна и опиплива опасност за националната безбедност“, објавија израелските медиуми.
Во неделата речиси сите резервни членови на ескадрилата Ф-15 најавија дека нема да присуствуваат на обуката закажана за среда во знак на протест против реформите.
Ова предизвика предупредувања од началникот на израелскиот Генералштаб Херц Халеви и министерот Галант дека таквиот протест може да нанесе штета на воените оперативни способности.
Припадниците на другите израелски воени единици, вклучително и најелитните, претходно се заканија дека нема да одговорат на повиците за должност поради широкото противење на владините планови за кои критичарите велат дека ќе ја поткопаат демократијата и ќе им наштети на економијата и безбедноста.
Во писмото, десет поранешни началници на израелските воздухопловни сили апелираат до Нетанјаху „да застане и да најде решение за ситуацијата што е можно поскоро“.
Новата израелска владејачка коалиција, составена од конзервативната Ликуд на Нетанјаху и нејзините сојузници, партии на ултранационалисти и ултраортодоксни Евреи, планира промени кои вклучуваат и слабеење на Врховниот суд.
Противниците на реформите го обвинуваат Нетанјаху, кому му се суди за корупција, дека преку реформите бара власт над судството.
Десетици илјади Израелци протестираат секоја сабота против реформите, а поранешните началници на израелската армија предупредуваат дека свртувањето на владата кон недемократија ќе предизвика масовна непослушност во армијата.