Изјавите на лидерите и функционерите на опозициската Демократска партија на Косово и Демократскиот сојуз на Косово во врска со предлогот на ЕУ за нормализација на односите меѓу Косово и Србија „не соодветствуваат со поддршката на САД за тој предлог“, изјави денеска неименувана портпаролка на американската Амбасада во Приштина, пишува gazeta10.com.
Портпаролката изрази загриженост за овие позиции и додаде дека САД јасно го кажале својот став за предлогот на ЕУ на највисоките нивоа на власта во последните две изјави на претседателот Џо Бајден и секретарот Ентони Блинкен за „Денот на независноста на Косово“.
-Претседателот Бајден и државниот секретар Блинкен, во нивните неодамнешни комуникации за Денот на независноста на Косово, истакнаа дека предлогот ја има нашата силна поддршка и ќе го доведе Косово до поголема регионална стабилност, економски просперитет и европска и евроатлантска интеграција, рече таа.
САД потсетија дека нивните заеднички напори за унапредување на предлогот вклучуваа консултации со косовските опозициски партии.
Косовскиот премиер Албин Курти и претседателот на Србија Александар Вучиќ, според шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, на 27 февруари во Брисел го договориле текстот на европскиот предлог, кој Европската унија го нарече основен договор.
По средбата во Брисел најавени се средби за прифаќање на патоказот за имплементација на договорот, а првата треба да се одржи во Охрид на 18 март.
Според ДПК и ДСК, со тој предлог за нормализација на односите со Србија, Косово се откажало од меѓусебното признавање и се согласило на формирање Заедница на српски општини.
Алијансата за иднината на Косово (ААК) е единствената опозициска парламентарна партија која ја поддржа одлуката на Владата да го прифати предлогот на ЕУ и оцени дека тоа е „големо достигнување“.