Турската опозиција денеска дојде поблиску до договор откако десничарската „Добра партија“ најави дека би можела да се врати во опозицискиот сојуз што го напушти пред три дена, отворајќи го патот за сериозен предизвик за претседателот Реџеп Таип Ердоган на претстојните претседателски и парламентарни изборите, закажани за 14 мај.
Британските медиуми најавуваат дека градоначалниците на Анкара и Истанбул, Мансур Јаваш и Екрем Имамоглу, би станале извршни потпретседатели на земјата доколку опозицискиот блок победи на претседателските и парламентарните избори.
„Добра партија“ го напушти опозицискиот блок минатата недела, откако нејзината лидерка, Мерал Аксенет, го отфрли предлогот шефот на најголемата опозициска партија, Републиканската народна партија, Кемал Киличдароглу, да биде претседателски кандидат на опозицијата и дополнително предложи двајцата градоначалници да бидат потпретседатели во случај на изборна победа.
Таа изјави дека анкетите на јавното мислење покажуваат дека Ердоган ќе го победи со голема разлика.
Британските медиуми објавија дека опозицијата постигна договор на два месеца пред изборите и еден месец откако земјотресите го опустошија југот на земјата, при што загинаа повеќе од 45.000 лица, а и покрај широките критики за првичниот одговор на владата на катастрофата, анкетите покажаа дека Ердоган и неговата АКП во голема мера ја задржаа својата поддршка.
Опозицијата на претходните национални избори не успеа да му пружи сериозен предизвик на Ердоган, чија АКП е на власт од 2002 година.