Шефот на руската паравоена група Вагнер повторно се пожали на недостиг на муниција

Шефот на руската паравоена група Вагнер, Евгениј Пригожин, чии луѓе се на линијата на фронтот во источна Украина, денеска повторно се пожали на недостиг на муниција, припишувајќи го доцнењето на испораката на можно „предавство“ од руска страна.

„Нарачките беа дадени за испорака на 23 февруари. Но, досега најголемиот дел од муницијата не е испратена“, рече Пригожин.

Шефот на Вагнер наведе две можни причини за одложувањето, а тоа се „обична бирократија или предавство“, јави агенцијата Бета.

Борците на Вагнер се на линијата на фронтот околу Бахмут, град во источна Украина кој Русија се обидува да го освои веќе неколку месеци и каде руските и украинските сили претрпеа големи загуби.

Во февруари, Пригожин ги засили своите жестоки критики на сметка на рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу и началникот на Генералштабот Валериј Герасимов, обвинувајќи ги дека извршиле „предавство“ со тоа што одбиле да му дадат муниција на Вагнер.

Неколку дена подоцна, Пригожин објави дека муницијата конечно ќе биде испорачана.

Во текот на изминатиот викенд, шефот на Вагнер објави видео во кое тој се појавува и ја предупредува руската армија. Тој рече дека „ако Вагнер сега се повлече од Бахмут, целиот фронт ќе се урне“.

И покрај неговата стратешка важност, која експертите ја оспоруваат, Бахмут стана симбол на борбата за контрола на индустрискиот регион Донбас, кој се состои од регионите Луганск и Доњецк. Русија го анектираше, но не презеде целосна контрола врз областа. 

Треба да знаете
Последни објави