Денеска ќе биде распишан нов повик за вклучување на приватните автобуски превозници во јавниот превоз во главниот град. Новото координативно тело за преговори на 1-ви март се договорија со градоначалничката Арсовска да се отвори јавен повик за сите превозници, а таа им ветила и субвенции за обнова на возниот парк.
Приватните превозници се надеваат дека со своите автобуси на улиците ќе се вратат од 20-ти март.
Од Град Скопје тогаш соопштија дека на јавниот повик нема да може да учествуваат „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ поради пречките кои произлегуваат од претходниот, сега веќе раскинат договор кој предвидуваше забрана за учество на јавен повик доколку договорот се раскине пред истекот на истиот и по нивна вина. Затоа сега приватните превозници ќе се преијават на јавен повик со нови имиња на фирмите.
Јавниот превоз на главниот град со месеци е во хаос, бидејќи нема доволно автобуси на сите линии.
Хаосот настана откако во ноември приватните превозници се повлекоа и престанаа да сообраќаат поради долгови кои бараа да им ги исплати Град Скопје. Градските власти пак ги отфрлија наводите дека должат пари, но инспекцискиот надзор покажа дека Град Скопје не е во право. Јавниот градски превоз, сега сообраќа само со автобусите на ЈСП, а град Скопје претходно објави два огласи за приватни превозници но на нив не се пријави ниту една компанија.