Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска се обрати на конференцијата насловена „Униформа, оклоп кој значи ранливост – нашата секојдневна борба на два фронта” во организација на Министерството за труд и социјална политика, каде ги истакна позитивните примери за родова еднаквост во одбраната и во Армијата и сподели факти за развојот на родовата перспектива за жените во униформа.
„Долги години за жал владееја стереотипите дека безбедниот сектор, особено високите раководни позиции се резервирани исклучиво за мажите. Но, со нашата упорност, истрајност и мудрост успеавме тоа да го промениме”, рече министерката.
Петровска информираше дека во 2012 година процентот на застапеност на жените во униформа бил 5,7%, додека денес процентот на застапеност е 10,8%. Висок раст, подвлече Петровска, бележи и процентот на жените офицерки кои во 2012 година биле само 9% додека денес тој процент е удвоен -18%. Во 2012 само една жена била полковничка – денес тие се седум, додека во Министерството за одбрана, вкупната застапеност на жените е 47 проценти, а на 48 проценти од раководните позиции се поставени жени.
Министерката порача дека иако бројките се показател дека родовата еднаквост се движи во добар правец, особено важно е жените во одбраната и Армијата да бидат навистина добредојдени и во никој случај не смеат да бидат омаловажувани, дискриминирани или, пак, да бидат попречувани во развојот на нивната кариера.
„Секоја од нас е подготвена да одговори на сите предизвици со кои се соочуваме, да се вложи целосно и да биде подеднакво успешна, не само затоа што е жена, туку затоа што навистина сме способни и ние тоа да го направиме. Минатата недела потпишав назначување на првата жена началник на секција во рамките на Генералштабот на Армијата, и тоа го направив не само затоа што е жена, туку затоа што станува збор за офицерка која навистина има капацитети и вредности”, рече Петровска.
На отворањето на конференцијата се обратија и министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и деканот на Факултетот за безбедност Никола Дујовски. Во рамките на конференцијата свои искуства споделија и полковничката Билјана Блажевска, аѓутантка на Претседателот на Република Северна Македонија, како и потполковникот Томе Пеев и потполковничката Александра Доневска од Армијата на Република Северна Македонија.