Сопругата на претседателот Елизабета Ѓоргиевска денеска присуствуваше и се обрати на конференцијата „Придонесот на Ромките во македонското демократско општество” што се одржа со нејзина поддршка во Кабинетот на претседателот, а на иницијатива на ромските женски невладини организации: Р.О.Ж.М „Даја”, Здружение на жени Ромки „Есма” од Скопје, Здружение на Роми “Черења” Штип, Ромска асоцијација за жени и млади „Лулуди”, Здружение на граѓани МИР и Здружение „Иницијатива за правата на жените Ромки од Шуто Оризари.”
Целта на конференцијата е преку артикулирање на теми поврзани со нивното зајакнување во повеќе области и нивниот придонес во македонскоро деморкатско оптштество да се осврне внимание на движењето на Ромките и предизвиците на ромските женски невладини организации во насока на нивно премостување за постигнување на континуитет во нивните активности.
Почитувани,
Горда сум што денес сум во друштво на многу храбри, истрајни и борбени жени кои изминатите две до три децении макотрпно работеле и се’ уште работат во унапредувањето на положбата на жените и девојчињата Ромки. Задоволството е огромно со некои од вас повторно да се видиме и заедно да поразговараме за вашите успеси и дилеми. Верувам дека вашите излагања ќе претставуваат поттик, охрабрување и надеж за сите присутни.
Овој настан, презентирајќи ги различните искуства и гласови на ромските активистки, ветува поместување на дискурсот за Ромките од секојдневните стереотипни гледишта, кон сознанија базирани на личните искуства на припаднички од самата група и гласно ќе се говори за борбата за социјална правда и родова еднаквост во самата заедница и во македонското демократско општество. Перспективата на жената Ромка, нејзините издигнувања и падови, нејзината пожртвуваност, истрајност и храброст можеме да ја разбереме само ако ромската жена правично е вклучена во сите општествени процеси, доколку таа самата ја креира перцепцијата за себе си и заедницата од каде што доаѓа и доколку учествува во одлуките кои ја засегаат.
Иницијативата за доследна борба на ромската жена и резултатите кои денес ги гледаме се тесно поврзани и со работата на ромските женски невладини организации кои дејствуваат како коректор на институциите, ја менуваат свеста и перцепцијата за ромската жена во општеството. Верувам дека почетоците не биле едноставни. Исто така верувам дека и денес, оваа борба не е едноставна, имајќи го во предвид фактот дека ви недостига финансиска одржливост на проектите за да има континуитет на активностите и да се одржи целната група со која работите. Затоа денес сме тука да ги адресираме вашите предизвици. Заедно треба многу да работиме и да ги надминеме бариерите кои се ‘уште ја отежнуваат вашата борба со повеќекратната интерсекциска дискриминација. Вашата храброст, мотивираност, упорност го олеснила патот на генерациите кои ве следат во борбата за надминување на стереотипите, предрасудите, родовата дискриминација и ограничениот пристап до основни човекови права. Затоа вашата борба треба да ја продолжиме со заеднички напори вклучувајќи ги надлежните институции, заедницата, ромската жена како индивидуа и сите чинители на македонското демократско општество.
Не смееме да дозволиме само одредени актуелни денови да констатираме одреден напредок и да алармираме за проблемите кои за некого се секојдневие. Наша заедничка должност е да реагираме кога некој ќе се соочи со ускратување на правото на достоинствен живот и правото на избор. Од оваа причина ја потврдувам мојата поддршка за унапредување на положбата на Ромките во македонското општество и ве повикувам да бидеме носители на позитивни промени.
На крајот, во пресрет на 8 Март, срдечно ви го честитам со желба за меѓусебна поддршка и слух од надлежните институции за нашите заеднички залагања. Ја искажувам мојата благодарност до сите жени и девојчиња Ромки, познати и непознати хероини кои во ниту еден момент не се откажале од борбата за надминување на пречките и бариерите кои им ги наметнува општеството и ги повикувам да бидат истрајни и упорни во нивната борба. Ви благодарам за вашиот придонес во македонското демократско општество.