Да им се суди и на нарачателите на текстовите, очекуваат новинарките жртви на „Доказ“

Новинарките Валентина Вурмо и Ирена Мулачка од „Фокус“ се само две од шесте жртви што се јавуваат како оштетени во првиот предмет што се води против Марјан Стаменковски, сопственик на порталот „Доказ М“. По судењето, тие порачаа дека очекуваат правдата да биде задоволена. Мулачка смета дека Стаменковски уништил многу семејства, а Вурмо посочи дека очекува да се откријат и нарачателите на текстовите заедно со оние што ги подготвувале.

„Очекувам да биде задоволена правдата. И редно време е да се стави крај на тоа кои се новинари, а кои рекетари, со оглед на тоа што за мене е излезен цел серијал текстови за што не би сакала да навлегувам за што точно се работи, а беше засегнато целото мое семејство. Мислам дека редно време е по толку уништени семејства од страна на Марјан Стаменковски, да се стави крај и да биде задоволена правдата. Со тоа ќе се знае дека не може во државата кој што ќе му текне да пишува, кој како сака да те омаловажува“, рече Ирена Мулачка, уредничка во „Фокус“.

Новинарката Вурмо посочува дека многу повеќе очекува од вториот предмет, кој го води скопското Обвинителство против Стаменковски.

„Ние сме неколкумина што ќе се појавиме во улога на оштетени. Но, многу повеќе се оштетени. Со ова очекувам дека ќе се задоволи правдата и дека ќе се откријат натрапниците, кои се во нашата професија. И со тоа, конечно, ќе се поделиме на професионални новинари и на некои што се т.н. сами новинари. Повеќе очекувам од вториот предмет што Обвинителството го отвори за овој случај. Очекувам да се изнесат детали за тоа кој ги правел нарачките на лажните текстови, кој учествувал во подготовката, па и нарачателите и посредниците да седнат на обвинителна клупа“, новинарка во „Фокус“.

Првото рочиште бргу се одложи. Адвокатот на Стаменковски побарал изземање на скопското Обвинителство за постапката против него да биде фер.

Марјан од затворот во Шуто Оризари беше спроведен во Кривичниот суд, каде што му се суди за повеќе дела. Тој седна спроти шестемина оштетени за кои Обвинителството рече дека биле цел на порталот, чиј сопственик е тој. Меѓу нив се и новинарката Валентина Вурмо и уредничката Ирена Мулачка од „Фокус“. Судијката Марија Клетничка-Марковска ја исклучи јавноста по барање на обвинителката Павловиќ.

Скопското Обвинителство поднесе обвинение против Стаменковски за кривично дело уцена, но и за две кривични дела – ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, едно кривично дело – пиратерија на аудиовизуелно дело и кривично дело – злоупотреба на лични податоци.

„Така, во периодот од 10.1.2023 година до 2.2.2023 година, обвинетиот, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, му се заканувал на еден оштетен дека ќе открие нешто што може да му наштети на неговиот углед и чест. Преку социјална мрежа обвинетиот стапил во контакт со оштетениот и го повикал на средба за да го уценува дека на веб-порталот ќе објави приватни фотографии и информации за него доколку не му исплати парични средства. Кога оштетениот одбил средба, на интернет-порталот биле објавени повеќе текстови за него, со кои обвинетиот им наштетил на угледот и честа на оштетениот. На тој начин обвинетиот се обидел да стори кривично дело уцена“, објаснија од Обвинителството.

Обвинителството бараше продолжување на притворот е побарано за да се заштитат жртвите.

„Со оглед на тоа што сè уште постојат основите поради кои претходно беше определен притворот, особено имајќи ги предвид начинот на извршување на делата и потребата да се заштитат жртвите, кои во подолг временски период биле подложени на изразен говор на омраза и закани преку интернет-порталот, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд во Скопје достави и предлог за продолжување на притворската мерка“, додаде Обвинителството.

Треба да знаете
Последни објави