Минатото лето, кога се веруваше дека трансферот на Мбапе во Реал Мадрид е завршена работа, францускиот интернационалец потпиша продолжување на договорот со парижаните.
Тој е обврзан со нов договор до летото 2024 година, а сега во јавноста протече интересен детал од споменатиот договор.
Така, L’Equipe тврди дека во него има таканаречена „клаузула за автоматска лојалност“ која може да ја активира самиот играч. На крајот на сезоната Мбапе ќе ја соопшти својата одлука, а доколку реши да ја активира споменатата клаузула и да остане дополнителна година, ќе добие 100 милиони евра.
Сепак, L’Equipe наведува дека во договорот има клаузула во корист на ПСЖ. Имено, доколку ПСЖ оваа сезона ја освои Лигата на шампионите, ќе се активира клаузулата за автоматско продолжување на договорот до 2025 година, без самиот играч да може да промени нешто.
Во Париз се решени дека немаат намера да го продаваат Мбапе во претстојното лето, без разлика на финансиската понуда и дека играчот ќе остане во клубот најмалку до 2024 година.