Од фудбалскиот клуб Беласица попладнево соопштија дека нивниот тим и членови на стручниот штаб се физички и вербални нападнати на стадионот на Фортуна од Сингелиќ каде требаше да го играат натпреварот со Локомотива Пехчево.
– Скандал пред почетокот на натпреварот од Втората македонска фудбалска лига ФК Пехчево Скопје – ФК Беласица. Во гостинската соблекувална на игралиштето на Фортуна, со нула обезбедување од страна на полициска служба, нашиот тренер и тренерот на голмани беа физички нападнати со тупаници и шлаканици од засега неидентификувани лица, додека кон нашите фудбалери и стручен штаб беа упатени закани дека ќе биде искористено и огнено оружје!!!
Нека биде запознаена македонската јавност дека фудбалот во нашата земја е уште далеку од оној европскиот! – стои во објавата на Беласица.
Натпреварот требаше да се игра од 14 часот и според најавите од гостинскиот табор, фудбалерите на Беласица одбиваат да истрчаат на теренот под вакви околности.