Царината има клучна улога во обезбедувањето на континуитет на економските текови, како и во навременото пристигнување на помошта во услови на кризи, беше истакнато на отворањето на тридневниот настан што во Скопје го организира Светската царинска организација и Царинската управа.
На настанот, организиран во рамки на проектот Ковид 19 финансиран од Владата на Јапонија, се обратија генералниот секретар на Светската царинска организацја Кунио Микурија, директорката на Царинската управа Славица Кутиров и советникот во Амбасадата на Јапонија, Сатору Такахаши.
Целта на работилницата е размена на позитивни искуства во услови на кризи, како и подигнување на свеста за придонесот на царините во заштитата на општествата и обезбедување на континуитет на бизнисот.
Директорката на Царинската управа ја истакнала подготвеноста и способноста на институцијата за справување со новите предизвици во услови на кризи.
– Изминатите три години беа вистински предизвик за царинските управи, кога се соочивме со непредвидливоста и стравот од новите околности што се случуваат во светот. Во овие услови, на самиот почеток на пандемијата, покажавме подготвеност и способност за прилагодување во новите услови, овозможувајќи континуитет во прекуграничниот синџир на снабдување, со цел да се минимизира севкупното негативно влијание врз економиите и општествата. Зелените коридори беа воспоставени за меѓународен транспорт на чувствителни стоки, со континуирана размена на податоци пред пристигнување преку регионалниот систем SEED, овозможувајќи непречен проток на овие стоки во новите услови. Со воведување нови услуги и дигитализација на царинското работење во бесхартиена околина, ја минимизиравме потребата од физичка интеракција, а во исто време ги забрзавме процедурите и ги намаливме трошоците за економските оператори за финализирање на царинските формалности, потенцирала Кутиров.
Генералниот секретар на СЦО го истакнал долгогодишното искуство на организацијата во помош при катастрофи и ја потенцирал важноста од соработката со партнерските меѓународни организации, други владини агенции и засегнати страни за да се обезбеди брза и соодветна помош на граѓаните погодени од катастрофи.
– Царината има клучна улога во навременото пристигнување на помошта во услови на кризи и природни катастрофи, истакнал Микурија, посочувајќи ги навремените реакции на царините во пристигнувањето на помошта во Турција која неодамна беше погодена од разорен земјотрес.
Свои искуства во делот на предизвиците на царините и соодветните одговори во услови на кризи, во текот на дводневната работилница ќе споделат и претставници на украинската, полската, романската, унгарската, молдавската и турската Царина.