Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, кој вечерва гостуваше во емисијата „10 Минути” што се емитува на ТВ21, изјави дека и покрај сите мерки за помош на граѓаните и на компаниите, продолжи тенденцијата за раст на цените, што ја примора Владата да интервенира со замрзнување на цената на лебот, бидејки интересот на граѓанинот мора да биде на прво место.
„Вчера донесовме одлука во Влада која дополнително ќе помогне, ги укинавме царинските давачки за тестенините и на прооизводите кои влегуваат во палетата основни прехрамбени производи, што ќе придонесе за намалување на цените”, рече вицепремиерот Битиќи кој објасни дека сè што беше подржано со мерките за помош на државата преку субвенционирање на електрична енергија за основните прехрамбени производи, што беше барање на производителите, би требале да имаат пониски цени.
„Се додека имаме неморално и неетичко однесување на пазарот од било кој субјект, тоа нема да го толерираме бидејќи граѓанинот мора да се заштити”, рече Битиќи.
Вицепремиерот во емисијата „10 Минути” што се емитува на ТВ21, кажа дека Владата со производителите имaше џентлменски договор за давање помош, како за време на Ковид така и подоцна но некој тоа го злоупотреби, и затоа замрзнувањето на цената на лебот е одговор на злоупотребата од страна на економските оператори, и така ќе се постапува и со млекото и со млечните производи кои имаат вештачки зголемени цени.