Најсилната опозициска партија денеска повика на нови демонстрации во Тбилиси, главниот град на Грузија, против контроверзниот предлог-закон насочен кон медиумите и невладините организации. По вчерашните судири меѓу опозицијата и полицијата, Ника Мелија од Обединетото национално движење повика на митинг попладнево во Тбилиси. Таа рече и дека секој ден ќе се организираат собири „до победа“. Опозициското Обединето национално движење го формираше поранешниот претседател Михаил Саакашвили, кој сега е во затвор. Грузиската полиција приведе 66 лица во близина на парламентот во Тбилиси за време на митинг на кој се собраа противници на законот за „странски агенти“, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.
Грузиските власти синоќа употребија солзавец и водени топови околу зградата на Парламентот за да ги растераат демонстрантите против предлог-законот кој наводно ја загрозува слободата на печатот. Текстот, усвоен на прво читање, бара од медиумите и невладините организации кои добиваат повеќе од 20 отсто од своето финансирање од странски извори, да се регистрираат како „странски агенти“. Според Министерството за внатрешни работи, во нередите се повредени 50 полицајци, а дел од нив сè уште се на лекување во медицинските установи. – Новиот закон за „странски агенти“ што вчера во прво читање го усвои грузискиот парламент е многу лош развој на настаните за Грузија и нејзиниот народ, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност Жозеп Борел. Законот може да има застрашувачки ефект врз граѓанското општество и медиумите и да донесе негативни последици за Грузијците. Овој закон е некомпатибилен со вредностите на ЕУ, додава Борел.