Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, вечерва во Виена се обрати на приемот по повод Меѓународниот ден на жената „Жени,
мир и безбедност”, организиран од aмбасадата на Франција во Австрија и Постојаната мисија на Франција во ОБСЕ.
„Треба да се потсетиме што сме постигнале изминативе години и дека патот воопшто не е лесен. Не чека уште многу работа, но најважно е дека веруваме во тоа што го правиме, имаме за што да се бориме и сме решителни. Жените се храбри и секогаш се во првите редови кога треба да се обезбеди мир и правда. Жените ја имаат улогата да се грижат за семејството, а на истиот начин се грижат и за заедницата. Кога жените се вклучени, помалку се зборува за војни, а повеќе за решенија и напредок”, нагласи вицепремиерката Грковска.
Таа додаде дека женското лидерство и учество во сите аспекти на мирот и безбедноста се неопходни не само заради човековите права и родовата еднаквост, туку и за инклузивно управување и социјална кохезија, како и за одржливо решавање на конфликти и кризи.