Денеска, по повод посетата на НАТО делегацијата предводена од заменик-помошникот генерален секретар за новите безбедносни предизвици, Џејмс Апатураи, на која домаќин е Секретарот на Советот за координација на безбедносно- разузнавачката заедница Даниела Илиоска, се одржа и состанок на експертско ниво на кое учествуваат и претставници на СКБРЗ како и членовите на Оперативниот тим на Советот. По тој повод, предводниците на двете страни дадоа куси изјави.
„ Драго ми е што денеска ја имам честа да бидам домаќин на НАТО делегацијата предводена од г-динот Апатураи, на која имаме можност да говориме одблиску за хибридните закани и напади со кои се соочуваме како земја изминатиов период.
Би сакала пред се да започнам со најважната информација, а тоа е дека граѓаните се безбедни и безбедносната ситуација е стабилна. Се соочуваме со интензивен хибриден напад чија цел е да внесе вознемирување, страв, паника и хаос кај граѓаните”, изјави секретарот Илиоска.
„Северна Македонија се справува со намерен, издржан и циничен хибриден напад. Но како НАТО членка, не се справува со овој предизвик сама, туку е член на семејство на демократии кои стојат заедно и се поддржуваат едни со други. Имам пофалби за Владата на Северна Македонија за чекорите што ги презеде за одбрана и градење отпорност од овие сајбер и хибридни напади”, изјави заменик- помошникот генерален секретар за нови безбедносни предизвици Џејмс Апатураи.
Понатаму, во својата изјава тој истакна:
„НАТО и индивидуалните сојузници веќе споделуваат информации и овозможуваат техничка поддршка. За време на мојата посета дискутиравме за идните чекори кои можат да бидат преземени за да се засили сајбер безбедноста на земјата и да се зајакнат механизмите за ефективна владина акција”.
Секретарот Илиоска во својата изјава додаде:
“Овие закани ни доаѓаат со разгорувањето на воената агресија на Русија врз Украина и тие се комбинација на странски и домашни актери. Ова е случај и во другите земји од регионот и на други НАТО членки. Сите земји од слободниот свет се соочуваат со зголемен интензитет на хибридни закани. Меѓународно соработуваме со сите партнерски безбедносни организации и институции, од првиот ден и првата закана. Денеска имаме на гости и експертски тим на НАТО кој е тука за да ја продлабочиме таа соработка.”
„Голема благодарност до НАТО за целата поддршка која ни ја дава и за надминување на актуелната состојба, но и за долгорочното градење на отпорност на Северна Македонија во справувањето со хибридните закани и напади”, заклучи Илиоска.