Германскиот министер за одбрана, Борис Писториус, денеска предупреди дека е многу рано да се каже оти Украина стои зад експлозиите на гасоводот „Северен тек“, пренесува „Ројтерс“. Тој ова го изјави за време на неговиот престој во Стокхолм, каде што се состануваат министрите за одбрана на ЕУ и по објавувањето на „Њујорк тајмс“, во кој се цитирани американски разузнавачи, дека веројатно проукраинските групи се одговорни за минатогодишната саботажа.
„Можеби тоа беше и операција организирана со цел да се обвини Украина, што е опција која исто така се споменува во извештаите на медиумите. Веројатноста за едното или другото е еднакво голема“, изјави Писториус за германското радио Deutschlandfunk.
„Њујорк тајмс“ вчера објави дека новите разузнавачки информации, разгледани од американски официјални лица, сугерираат дека проукраинската група, составена од руски или украински државјани, го извршила нападот на гасоводот „Северен тек“ минатата година, но оти нема цврста докази во прилог на таквите заклучоци.
Њујоршкиот весник исто така наведува, повикувајќи се на разузнавачки извори, дека не се пронајдени докази дека претседателот Володимир Зеленски или највисоките украински воени офицери биле вклучени во операцијата, ниту дека сторителите дејствувале по налог на некој украински владин претставник.
САД и НАТО ги нарекоа нападите на гасоводот во септември 2022 година чин на саботажа, а Москва го обвини Западот и го повика Советот за безбедност на ОН да спроведе независна истрага, но ниту една страна не обезбеди докази.