Во денешниот судир меѓу пакистанската полиција и приврзаниците на поранешниот премиер Имран Кан, во градот Лахоре, се ранети најмалку седум полицајци, изјави локалниот министер за информации и култура на Пенџаб, Амир Мир.
Британските медиуми го цитираат Мир дека конфликтот настанал кога приврзаниците на Кан ја нападнале полицијата, која сакала да го растера забранетиот политички собир.
-Полицијата возврати со водени топови, солзавец и палки, изјави Мир, пренесен од британските медиуми.
Дванаесет членови на политичката партија на Кан, Пакистанското движење за правда (ПТИ) се уапсени, соопшти министерот.
Помошникот на Имран Кан, Шефкет Махмуд, однесувањето на полицијата го нарече „фашистичка тактика“.
Со денешниот митинг во Лахоре, поранешниот премиер и сега опозициски лидер, Имран Кан, сакаше да ја почне својата изборна кампања.
Пакистанската влада го забрани собирот со контроверзниот закон со кој се забранува собирање на пет или повеќе лица на едно место, јавува агенцијата Анадолија.