По завршувањето на процесот на реконструкција на Владата, фокусот на парламентарното мнозинство е ставено на обезбедување 80 пратеници за усвојување на измените на Уставот, па и самата реконструкција ја претставија како градење таканаречен Европски форнт.
Во јавните настапи досега, единствено политичките партии ВМРО-ДПМНЕ и Левица јасно кажаа дека по никоја цена нема да поддржат уставни измени за вметнување на дел од бугарскиот народ.
Сепак по информациите што кружат во политичките кулоари, во ВМРО-ДПМНЕ има одредена група на пратеници, градоначалници и партиски фунцкионери кои се подготвени да дадат поддршка на уставните измени.
Оваа група веќе подолг период е незадоволна од тоа како партијата функционира, а капката во чашата незадоволство ја прели последниот неуспешен обид на Христијан Мицкоски да собере 61 пратеник за распуштање на Собранието, па наместо предвремени избори, на крајот парламентарното мнозинство и се зголеми на сметка на опозицискиот блок.
Истовремено, оваа група смета дека ако партијата и во овој процес остане надвор, ќе биде дополнително изолирана од меѓународниот фактор и дека дури и да победи на редовните избори во 2024 година, може повторно да се најде во ситуација да не состави Влада.
Според најавите од Владата пролетва треба да започне широка консултација за подготовка на уставните амандмани и тие на почетокот на летото да влезат во собраниска процедура, со цел да бидат усвоени до ноември, затоа што се врзани со скриниг процесот.
Усвојување на уставните измени и внесувањето на Бугарите е услов за отворање на првите поглавја во проговорите со Европската унија.