Одржана е свечена седница во Собранието на Република Северна Македонија по повод одбележување 8 март, како и одбележување на 20 години од постоењето на клубот на пратенички. Настанот со воведно обраќање го отвори Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери. Воведно обраќање имаше и Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.
„Горда сум што сум дел од континуираните активности кои се превземаат за унапредување на родовата еднаквост во изминатите две децении и постигнатите резултати од аспект на законодавството, политиките и стратешките документи кои се поврзани токму во областите од родовите прашања” рече Тренчевска.
Во своето обраќање министерката се осврна историски на законската регулатива започнувајќи од првиот Закон за еднакви можности донесен 2006 година и надоврзувајќи се на Законот за буџети од 2022 година кој според Тренчевска гарантира дека родовата перспектива е дел од секој буџет, и дека буџетите ќе ги отсликуваат приоритетите, потребите и интересите и на жените и на мажите.
Тренчевска се осврна и на Стратегиите и акциските планови.
„Покрај законската рамка, изминатиот период континуирано се работи на креирање на стратегии и акциски планови кои директно се насочени кон унапредувањето на родовата еднаквост. Првата Национална стратегијата за родова еднаквост донесена во 2013 претставува прв ваков стратешки документ во државата во кој се дефинирани стратешки цели во 10 области за унапредување на родовата еднаквост” истакна Министерката.
Таа посочи дека во 2022 година беше донесена и националната стратегија за еднаквост и недискриминација 2022 – 2026 и Акциски план 2022- 2024 година чии фокус е намалување на дискриминацијата по било кои основ во сите области на општественото живеење.
На свечената седница се обратија и пратеничките: Гордана Силјановска Давкова, Лолита Ристова, Рина Ајдри, Снежана Калевска Ванчева, Благица Ласовска, Маја Морчанин, Илире Даути, Жаклина Пешевска и Моника Зајкова.