Марко Милановиќ, помладиот син на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, кому пред помалку од една година, по заклучувањето, му беа поправени две оценки, а кој беше предмет на истрага на полицијата и на УСКОК, доби стипендија од Град Загреб за извонредност. Во меѓувреме, Марко стана полнолетен и сега е матурант во Загрепската класична гимназија, но е и 75-ти на ранг-листата за стипендија за извонредност на Град Загреб за учебната 2022/2023 година, пренесува хрватскиот портал „Индекс“.
Списокот е утврден на 20 јануари, а 180 студенти добиле стипендија во износ од 358 евра месечно.
Инаку, услов за добивање на стипендијата е ученикот да ги завршил претходните средношколски години со одлични оценки, а се води сметка и за просекот, што значи, како што пишува порталот, за синот на Милановиќ за добивањето стипендија се сметале и оценките од аферата со поправањето оценки откога веќе биле заклучени.
Како што додава порталот, Марко имал две поправени оценки, по математика и ликовно, па наместо две четворки, добил две петки и учебната година ја завршил со просечна оценка пет.
Полицијата и УСКОК беа вклучени во истрагата, но резултатот не беше објавен.