Во рамки на работната посета на Виена, Австрија, заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска имаше средба со
генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид.
Вицепремиерката Грковска нагласи дека Република Северна Македонија го презеде претседателството со ОБСЕ во многу чувствителен момент, имајќи предвид дека светот, особено
Европа се соочува со безбедносна закана по агресијата врз Украина, што дополнително резултираше со енергетска и економска криза, а секако тука е и постковид кризата.
Таа нагласи дека граѓаните секојдневно се борат и ги чувствуваат последиците од овие предизвици и токму затоа политичарите имаат голема одговорност да изнаоѓаат брзи и ефикасни
решенија и да се грижат за интересот на граѓаните.
Соговорничките се осврнаа и на значењето на жените во сите општествени и светски процеси, пришто вицепремиерката Грковска информираше за меѓународната иницијатива што таа ја покрена, а која се однесува на обединување на жените лидерки во процесите на добро владеење и справување со корупцијата од Југоисточна Европа во меѓународен Форум.
Генералната секретарка Шмид ја поздрави организацијата на Форумот, истакна дека иницијативата е одлична и ја нагласи улогата на жените во сите области на општествениот живот. Значајно е да се обезбеди родова еднаквост и вклучување на жените во процесот на носење одлуки.
Вицепремиерката Грковска информираше дека приоритет на нејзината работа е креирање на одржливи и ефикасни антикорупциски политики, имајќи предвид дека борбата со корупцијата е
особен предизвик за нашата држава.