Костадиновска-Стојчевска: Жените борци се лекција за идните генерации што значи да се бори за државата што ја имаме денес

Секогаш кога поминувам во центарот на Скопје, Споменикот на жените во НОБ во паркот „Жена борец” ме потсетува и претставува доказ за храброста и сплотеноста на жените борци, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска по повод одбележувањето на 8-ми Март пред четириесет жени – продолжувачи на идеите на жените борци и членки на Сојузот на борците.

– Со самиот факт дека од 100.000 жени кои се бореле во минатото, околу 25.000 биле убиени, а токму бројките нѐ потсетуваат дека сите жени во борбата биле еднакви, буквално од селанки до учителки и интелектуалки, се бореле рамо до рамо со своите машки другари, покажувајќи дека жените се исто толку способни и храбри како и мажите. Тие се лекција за идните генерации како е да се бори за државата што ја имаме денес, додаде таа.

Таа додава дека голем број жени, исто така, учествувале во логистичка поддршка и служејќи како медицински сестри и докторки за лекување на ранетите, а масовното учество на жените било забележано во бунтовничките области, каде што и тогаш неуморно се грижеле за образованието, децата да учат во училиште, да се организираат културни активности и задруги, а со тоа јасно и гласно ја покажувале својата издржливост и снаодливост.

-Како горда внука на Пецо Гудовски, носител на Партизанска споменица 1941, пораснав со раскажувањето на настаните и подвизите на партизаните и партизанките, кои денеска ги раскажувам и на моите деца, за важноста и херојската борба против фашистичкиот окупатор и денеска, на Меѓународниот ден на жената, сакам јавно да се заблагодарам за сѐ што сториле жените борци за нас како жени, за придонесот во историјата на Македонците, вели Костадиновска-Стојчевска.

Таа додава дека жените борци го отворија патот за идните генерации девојки и жени, за да се инспирираме од нивната храброст и да продолжиме да градиме подобро, поправедно и еднакво општество за сите.

-Нивната храброст и пожртвуваност го отворија патот за слободата и просперитетот што ги уживаме денес во Северна Македонија, но мора да признаеме дека имаме уште многу работа за да се постигне вистинска родова еднаквост и мора да продолжиме да се бориме за правата на жените во сите области од животот.

Треба да знаете
Последни објави