Американскиот министер за одбрана Лојд Остин денеска по пристигнувањето во Египет изјави дека американското одбранбено партнерство со Египет е „суштински столб“ на посветеноста на Вашингтон на Блискиот Исток.
Остин го напиша ова на Твитер по слетувањето во Каиро каде што беше пречекан од високи египетски воени претставници.
– Тука сум да ја зајакнам нашата координација за клучните прашања и да барам можности за продлабочување на нашето долгогодишно билатерално партнерство со Египет, напиша Остин.
Се очекува американскиот секретар за одбрана да разговара со египетскиот претседател Абдел Фатах ел-Сиси и други официјални претставници.
Остин вчера беше во ненајавена посета на Багдад, неколку дена пред 20-годишнината од соборувањето на поранешниот ирачки претседател Садам Хусеин, а од Каиро денеска ќе отпатува за Израел.