Амбасадорката на САД Анџела Агелер на Скопското јавно обвинителство денеска му донираше компјутерска и техничка опрема, наменета првенствено за потребите на истражителите кои работат на откривање докази во истрагите.
Агелер рече дека Македонија има проблем со корупцијата која е присутна подолго време.
Таа додаде дека тоа не е проблем што може да се реши за неколку месеци.
Агелер уште еднаш кажа дека зајакнувањето на правосудството во Македонија на сите нивоа е главен приоритет за амбасада на САД, за неа лично и за Вашингтон.
„Сакаме да бидеме партнери со оваа земја, така што ќе покажеме дека овој систем е тука за вашите граѓани. За тоа е потребно време. Еден компјутерски систем нештото нема да го реши, но е приоритет, и ако имам една цел како амбасадор во земјава, тоа е да се осигурам дека ќе направам се што можам заедно со мојот тим, за зајакнување на вербата на граѓаните на Северна Македонија во правосудството“, изјави Агелер.
Јавниот обвинител на Скопје Гаврил Бубевски рече дека се работи за сериозна донација што ќе помогне во секојдневната работа и од технички и од суштински аспект и изрази надеж за понатамошна соработка со американската амбасада преку обуки и друга помош.