Груби го компромитира надзорот над Коридорите 8 и 10д, конзорциумот кој ќе го врши надзорот, го составувал договорот кој владата ќе го потпише со изведувачот за изградба, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски.
„Целата постапка за избор на надзорот индицира на кроење на условите за Конзорциумот воден од ИРД, а од кој дел се ЕПТИСА, која со одлука на влада е утврдено дека работела незаконски, Електра Солушн, која добива лиценца во сред јавен повик и Евро Консталтинг на Бранимир Димитријевиќ, вмешан во меѓународна криминална шема, кого го бараа Ерменските власти.
Ковачевски и Груби не само што го доделиле надзорот на IRD Engineering, туку со тендерот е дефинирано дека надзорот ќе биде и правен советник за трансакции, а со тоа ИРД како предводник на конзорциумот покрај тоа што ќе врши надзор над изградбата која ќе ја врши изведувачот, туку добила ексклузивна можност да преговара со идниот изведувач и да го состави договорот помеѓу владата и изведувачот Бехтел Енка кој владата само треба да го усвои. Владата скрои таков тендер што на идниот надзор му даде можност да го состави договорот кој таа ќе потпише со изведувачот, кого истиот тој надзор потоа треба да го контролира.
Имено Артан Груби, во текот на вчерашниот ден на фејсбук напиша статус, во кој вели: На работна маса го имавме извештајот на нашиот консултант за финансиски трансакции IRD Engineering за текот на преговори со конзорциумот Бехтел Енка, кој го разгледавме и едногласно го усвоивме, предлагајќи и на Владата да го усвои Договорот за изградба на модерниот автопат до границата со Албанија.
Во следната објава на фејсбук, Груби ќе напише дека е усвоена содржината на Договорот кој IRD Engineering и Бехтел Енка го преговарале 28 дена.
Груби констатира дека Владата го усвоила и ќе го потпише договорот кој IRD Engineering за нив го испреговарала со Бехтел Енка идниот изведувач, кој истата таа IRD Engineering треба да го контролира.
Која независност и непристрасност ќе ја има надзорот претставуван од IRD Engineering кога истиот тој го составил договорот со Бехтел Енка? Како можеме да бидеме сигурни дека надзорот ќе биде навистина независен, кога тој од страна на власта е вклучен во создавање на договорот со изведувачот?
ЈО да не чека и да отвори случај. Владата е на пат да го компромитира целиот процес за изградба на Коридорите 8 и 10д, а со тоа и да внесе во тежок срам фирми со децениско искуство и реноме, и уште еднаш да го наруши угледот на Македонија пред светот“, рече Стојановски.